Посакувам да имаме консензуален кандидат за претседател, кој ќе биде татко на нацијата и зад кој ќе застанеме сите, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето на  договорот за заем за изградба на фотонапонската централа Осломеј во Владата на РМ.

Досега не е отворен процес во врска со утврдување кандидат за претстојните претседателски избори, бидејќи во тек е сериозен процес за завршување на постапката за уставни измени во Парламентот, рече премиерот и најави дека веднаш потоа ќе ја отворат дебатата.

Посочи дека му е драго што има кандидати, но дека ќе треба да се види кои од нив граѓаните ги сакаат.

Посакувам да имаме консензуален кандидат од сите. Да имаме човек кој ќе биде татко на нацијата зад кој ќе застанеме сите, рече Заев и додаде дека се надева оти ќе биде избран кандидат за кој ќе биде чест да застанат и да го промивираат како иден претседател на Република Македонија.

Премиерот очекува владејачката коалиција да победи на претседателските избори но, како што вели, за одлуката на граѓаните клучна ќе биде личноста на кандидатот.

Ќе се обидеме да го изнајдеме најдобриот, или најдобрата. Ќе се потрудиме да најдеме кандидат што максимално ќе биде прифатлив за сите граѓани на Република Македонија, вели Заев.