Премиерот Зоран Заев, кој присуствуваше на конференцијата посветена на слободата на медиумите во регионот изјави дека Македонија нема докази за мешање на Русија во внатрешните односи во Македонија.
Јас немам докази за некое руско влијание. Руската Федерација е пријател на Македонија и таа нема ништо против интеграцијата на Македонија во ЕУ, но е против нашата интеграција во НАТО. И тоа го кажуваат многу јасно. Ние се обидуваме да објасниме дека за нас не постои алтернатива, освен целосната интеграција во ЕУ и НАТО. Сакаме да градиме пријателство со сите земји и со Руската Федерација така што верувам дека сето она што претставува експликација на пријателство во Македонија ќе го разберат и пријателите од Русија затоа што нашите граѓани ќе останат на таа определба – изјави Заев.
Тој истакна и дека е запознаен со информациите за мрежи на профили што шират лажни вести на социјалните мрежи и на традиционалните медиуми, но дека тој нема идентификувано земји кои шират лажни вести.
Премиерот ја повтори својата поддршка за саморегулација на медиумите.
Приврзаник сум на саморегулација затоашто новинарите и медиумските работници знаат најдобро како тоа да го направат а ние како политичари и вклади сме овде тоа само да го поддржиме на начинот на којшто мислат дека тоа е најдобро – изјави премиерот.
Заев искажа поддршка за ЗНМ и за Советот за етика на медиумите и за сето она што го развиваат како нивна политика во Македонија за да се спротистават на лажните вести, но и на сите девијатни појави во новинарството.
Comments are closed for this post.