На овие избори се носи клучна одлука во клучен момент за нашата земја и нашата иднина. Дали одиме напред, дали продолжуваме со развиениот свет или ќе дозволиме блокада на нашите шанси и ќе се вратиме назад во лошото минато, им се обрати премиерот на граѓаните.
Тој посочува дека во изминатите две години со поддршка на граѓаните биле решени најтешките прашања со соседите и ги отвориле перспективите за земјата.
„И ве уверувам дека ќе продолжиме уште посилно да ги решаваме и внатрешните проблеми кои секојдневно ги мачат граѓаните. Впрочем, и се што досега направивме е токму за решавање на тие проблеми. Во тек е зголемување на социјалната помош за три пати, драстично намалување на казните за фирмите и граѓаните, почеток на повратот на ДДВ за секој жител на нашата земја и обезбедување финансиска помош за домашните фирми преку што поддржуваме нови, добро платени работни места“, вели Заев во обраќањето до граѓаните.
Според Заев, дел од овие придобивки ги кочи сегашниот претстедател, со тоа, како што рече, не ги потпишува законите со кои овие придобивки треба да стапат на сила.
„Нам не ни треба нов кочничар. Ни треба некој што влече напред, а не некој што кочи и блокира. Наша одговорност како политичари е да се развива земјата. Чесно ги прифаќаме критиките и кажуваме дека во тек се промени со кои многу брзо ќе се зголемат резултатите од нашата работа на внатрешен план. Мора да се преземе одговорност таму каде што е потребно. И тоа ќе го направиме по изборите“, рече Заев.
Тој ги повикува граѓаните на 5 мај да ги остават на страна поделбите и да се сплотат пред изборот и одлуката.
„Знаеме колку многу е потребно изборите да успеат и да победи напредната опција. Знаеме дека треба масовно да излеземе и да гласаме, сите. Секој и сечиј глас е важен. Се обраќам до сите наши граѓани, до сите Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и сите други – излезете на 5 мај и гласајте по сопствена волја, но ЗА иднината на земјата и ЗА иднината на децата. Секој глас е одлучувачки глас. Силата на гласот е кај сите вас, а гласот е најсилен кога е на гласачкото место. Да излеземе сите и да поддржиме опцијата со која заедно ќе продолжиме напред“, вели Заев во видео обраќањето до граѓаните.
Comments are closed for this post.