Со конституирање на работната група за реформи во изборното законодавство вчера во Скопје стартуваше процесот на усогласување на ставовите за измени со цел подобрување на изборната легислатива. Во фокусот на работната група ќе биде имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а потоа и изготвување на нов изборен законик.
Министерот за правда Кренар Лога кој учествуваше на првата средба на работната група, истакна дека изборниот модел не е приоритет на групата.
-Имаме консензус за оваа работна група да ги инкорпорираме сите овие препораки и забелешки од ОБСЕ/ОДИХР. Моделот нас не ни е приоритет, останува само да имаме нов пречистен текст на овој Изборен законик, а исто така да се внесат сите овие забелешки. Ова е првата задача на работната група, а втората е изготвување на нов Изборен законик, изјави Лога по средбата на работната група, посакувајќи му успешна работа на Александар Новаковски, експерт и поранешен член на ДИК, кој беше избран за претседател на работната група.
Тој посочи дека во однос на препораките на ОБСЕ/ОДИХР од ВМРО-ДПМНЕ веќе информирале за нивниот став дека ќе ги гласаат овие измени, а во однос на изборниот модел дека ќе бидат земени предвид нивните ставови. Лога при тоа уште еднаш упати повик до опозициската партија да именува свој претставник во работната група.
Новаковски пак изрази оптимизам дека работната група ќе успее да излезе со предлог со цел измените да бидат усвоени најмалку шест месеци пред изборите (претседателски и парламентарни) кои треба да се одржат во првата половина на наредната година.
-Јас сум оптимист во начинот на работа бидејќи гледам дека претставници во работната група се лица кои се од оваа област и кои долго време работат на оваа материја и се надевам дека ќе излеземе со предлог и ќе успееме да ги запазиме роковите кои се утврдени со некои европски стандарди, овие измени да бидат имплементирани во еден период од шест месеци пред изборите, рече Новаковски.
Пратеникот Арбр Адеми кој ја претставува ДУИ во работната група за изборни реформи во изјавата на новинарско прашање дадена по средбата, подвлече дека „ако зборуваме за моделот и ако се одлучуваме за една изборна единица треба да се одлучи и за праг и за отворени листи, праг од пет отсто“.
-Ние сме отворени да дискутираме за сите предлози водејќи се од аргументите. Денеска не сме зборувале на оваа тема, немаше материјална расправа за предлозите. Оваа работна група не е формирана исклучиво само за ова прашање за измена на моделот на изборите, туку и за други прашања. Така што, ете, априори ако зборуваме за моделот и ако се одлучуваме за една изборна единица треба да се одлучи и за праг и за отворени листи, праг од пет отсто и такви искуства има, но ќе се воздржам за дополнителни коментари оставајќи простор да дискутираме конструктивно во рамките на работната група, рече Адеми на новинарско прашање дали ДУИ ќе поддржи една изборна единица.
Во однос на задачите на работната група за изборните реформи тој нагласи дека тие ќе поддржат имплементација на препораките и забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, нагласувајќи дека за подготовка на нов изборен законик потребен е меѓупартиски консензус.
-Секако дека нашиот став уште од почеток е дека сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР треба да се преточат во конкретни законски одредби кои ќе бидат дел од Изборниот законик. За другите теми секако дека сме отворени да разговараме бидејќи за секое изменување, дополнување или за целосно нов изборен законик секако дека треба широк меѓуетнички и меѓупартиски консензус имајќи предвид дека се работи за значајно прашање, за претставување на граѓаните и треба да се отсликува хетерогеноста на нашето општество, вели Адеми.
Тој очекува сите политички партии да дадат конструктивен придонес во целиот овој процес на подготовка на реформите во изборното законодавство, без условувања.
-Не можеме да ја условуваме работата на која било работна група со учество или неучество давајќи предлози надвор од работната група. ВМРО-ДПМНЕ е релевантна политичка партија. Очекувам одговорен пристап и од нивна страна. Тука е местото за да се дадат предлозите и да дебатираме аргументирано за секој еден предлог. Сме отворени да дискутираме за кој било предлог врз основа на аргументите, подвелече Адеми.
ВМРО-ДПМНЕ не делегираше свој претставник во работната група. Пратеникот од оваа партија Антонио Милошоски завчера рече дека тие прифаќаат изборен модел со една изборна единица и ја повика власта да излезе со решение, по што најави дека опозициската партија ќе се вклучи во утврдување на конечниот текст на изборниот законик.
-Доколку власта не е подготвена за суштински измени за поголема демократизација на изборниот модел, а измените се однесуваат само на некои технички, важни, но сепак технички забелешки дадени од ОБСЕ и од ОДИХР ги поддржуваме, немаме ништо против, но не би учествувале во тој процес само за да му дадеме политички легитимитет без да имаме суштинско подобрување на изборниот модел, рече Милошоски.
Во работната група покрај претставници на партиите има и членови од МВР, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за информатичко општество и администрација, МОСТ, Цивил, Полио плус, УВМК, Државен завод за статистика, Централен регистар, Управен суд, Државна изборна комисија, Национален демократски институт, Здружение на новинари на Македонија и од Самостојниот синдикат на новинари на Македонија.
Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во пишана изјава за МИА, наведува дека е задоволна што изгледа дека постои консензус меѓу сите политички чинители во земјата за потребата и подготвеноста за вклучување на техничките препораки на ОБСЕ/ОДИХР насочени кон создавање изборен систем во согласност со меѓународните стандарди. Воедно, порачуваат дека остануваат посветена на обезбедување релевантна поддршка во тековниот процес.
Забелешките кои се провлекуваат во извештаите на ОБСЕ/ОДИХР меѓу другото се однесуваат на поедноставување на изборниот законик со можност да се донесе нов поради многуте измени на постојниот Изборен законик, потоа за ефикасноста на жалбената постапка, еднаквоста на правото на глас, прашањето на финансирање на кампањите, како и извештаите кои се добиваат околу финансирањето.
Comments are closed for this post.