Градот Скопје, како една од мерките против загадувањето на воздухот, наскоро ќе распише јавен повик за субвенционирање на граѓаните за купување инвертери и други современи уреди за затоплување. На јавниот повик ќе се прифаќаат фискални сметки за купен инвертер од 1 јануари 2019 година, граѓаните ќе може да аплицираат на јавниот повик од март, а исплатата на средствата ќе се врши по завршувањето на претстојните претседателски избори.
Имено, сите граѓани на Скопје кои имаат фискални сметки за купување инвертер во 2019 година и кои ги исполнуваат посебните услови за учество на јавниот повик од 01.03.2019 година ќе имаат можност да аплицираат за субвенции на инвертери. Субвенционирањето на граѓаните на подрачјето на Град Скопје за набавка на посовремени уреди за затоплување за 2019 година ќе се финансира од Буџетот на Град Скопје за 2019 година. Висината на субвенцијата ќе биде во износ од 50% од вредноста на уредот, но не повеќе од 15.000 денари со вклучен персонален данок на доход.
Субвенционирањето на граѓаните при купување на модерен систем за затоплување е активност предвидена во мерките од Планот за подобрување на квалитетот на воздухот и е дел од мерките на Акциониот план на Стратегијата за климатски промени на Град Скопје.
За надоместување на дел од трошоците, барателот треба да ги исполнува следниве критериуми:
- Право на учество:
Право на субвенционирање на дел од средствата за купување на инвертери во 2019 година имаат физички лица кои се жители на Град Скопје (општините во градот: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари) и кои ги исполнуваат следниве услови:
- да има живеалиште на подрачјето на град Скопје (општините: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај Центар, Чаир и Шуто Оризари),
- инвертерот да го купил во 2019 година, се до завршување на јавниот повик, односно исцрпување на средствата од Буџетот на Град Скопје за субвенционирање за купување инвертери,
- да нема искористено субвенции од кој било извор во Република Македонија за затоплување на своето домаќинство (станбен објект),
- до поднесување на барањето да е корисник на печка на јаглен, дрва, нафта или мазут,
- станбениот објект да не е во фаза на градба и во него барателот да живее,
- да нема приклучок на градско централно греење во станбениот објект каде што ќе биде инсталиран уредот, без оглед на тоа дали го користи,
- да има платено данок на имот за станбениот објект каде што ќе биде инсталиран уредот, заклучно со 2018 година,
- Само едно лице по домаќинство може да поднесе едно барање за добивање надоместок исклучиво за набавка на еден уред.
- Услови за учество:
При разгледување на барањата за субвенционирање, предвид ќе бидат земени оние во кои подносителот ги исполнил следниве услови:
- доставил пополнет образец за јавниот повик за доделување субвенции за набавка на посовремен уред за затоплување,
- доставил доказ дека е жител на град Скопје, што се докажува со фотокопија на личната карта,
- доставил доказ во оригинал дека е извршено купување во 2019 година и тоа со фискална сметка или фактура со извод од деловна банка за извршена уплата,
- доставил фотографија од печката на дрва, јаглен, нафта или мазут која ја користел,
- доставил фотокопија од трансакциска сметка, и
- доставил потврда за платен данок на имот за станбениот објект заклучно со 2018 година.
- Објавување на јавниот повик
- Јавниот повик ќе биде објавен на 03.2019 година, а ќе трае до 30.11.2019 година, односно до исцрпување на средствата за оваа намена.
- Купувачот на уредот за затоплување, барањето за надоместување на дел од трошоците, заедно со потребната документација, треба да го достави во затворен плик до Град Скопје, на адреса булевар Илинден број 82, во архивата на Град Скопје (барака 16), секој работен ден од 08:30 до 15 часот.
- Јавниот повик ќе се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“.
- Финансирање на Програмата
Средствата ќе се користат за делумен надомест на средствата на граѓаните искористени за купување посовремен уред за затоплување, во износ од 50% од вредноста на уредот, но не повеќе од 15.000 денари со вклучен персонален данок на доход.
Comments are closed for this post.