Генералниот секретар на Владата денеска на брифинг со новинарите одговараше на прашања за набавката на хеликоптери за медицински цели. Тој дури оваа зделка за приватно-јавно партнерство ја нарече „ремек-дело“.
За него нема ништо спорно што фирмата што го доби тендерот „САРХЕМС“ е формирана 24 дена пред да биде избрана. Тој тоа го правда што споменатата фирма е застапувана од друг економски оператор кој имал искуство во вакви случаи.
Потребата за вакво партнерство Рашковски ја објасни со тоа што државата не треба да троши ресурси за нешто што треба да го добие од приватен партнер.
Трошоците врз буџетот се нула денари, а не 72 милиони евра, објасни Рашковски.
Граѓаните, пак, објаснува генералниот секретар, ќе добијат бесплатни услуги доколку некој биде заглавен на планина, скрши нога и биде потребно веднаш да биде пренесен во болница.
Тој не знаеше да објасни од каде фирмата ќе прави пари и колку вакви случаи има годишно во Македонија, но потврди дека не ја провериле претходно фирмата. Дури ни “на Гугл”, како што рече. За нив било доволно што таа доставила гаранција и оти по завршување на договорот двата хеликоптери ќе останат во сопственост на државата.
Comments are closed for this post.