Алфа ги дознава предлозите кои ВМРО-ДПМНЕ ќе ги достави во техничката влада.
За нов технички министер за труд и социјална политика ќе биде предложена Рашела Мизрахи.
Рашела поседува импозантна биографија и докторска титула по биохемиски науки стекната во Универзитетот „Бар Илан“ во Израел. Таа била и првенец на генерација при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Скопје.
Има остварено научно-истражувачки дејности од повеќе области на универзитети во Израел, Канада и Македонија, како што се: биохемија и молекуларна биологија на репродуктивни клетки, на Катедрата на проф. Хаим Браитбарт, на Универзитетот „Бар Илан“, Израел. Менаџмент на генетскиот потенцијал во Онтарио, Канада. Работела на институтот за истражување во кардиологија – Нјуфелд, Медицински Центар – Шива, Израел, како и на Физиологија на репродукција, лабораторија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и повеќе други обуки.
Рашела Мизрахи работела како консултант на Глобален фонд во рамки на програмата за туберкулоза во Р.Македонија, на мониторинг на лабораторија во Израел, била и асистент на Катедрата за физиологија при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, Скопје.
Рашела живее во Скопје и е мајка на едно дете.
За нов заменик-министер за финансии ќе биде предложена Гордана Димитриеска-Кочоска, магистер по економски науки на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Поседува импресивна работна биографија од сферата на економското работење како и искуство од банкарскиот сектор. Моментално работи во приватна компанија како финансиски консултант во областа на контролинг и финансии. Претходно работела во Стопанска банка, во Македонски телеком во секторот на даноци, во Министерство за финансии во Секторот за јавен долг, а воедно во одреден период е и директор за финансии во ЕЛЕМ, во времето кога со оваа компанија управуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Гордана Димитриеска-Кочоска поседува обуки, наобразби и меѓународни сертификати од повеќе области како што е анализа на финансиски извештаи, сметководствена аналитика, менаџирање , контрола и управување, завршила и Академија за контрола, во Менаџмент центар Белград, а лиценцирана од CA Akademie AG.
Таа е сопруга и мајка на две деца.
За нов заменик-министер за земјоделие ќе биде предложен Цветан Трипуновски, со огромно искуство од овој сектор.
Тој работеше во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство како државен советник, а претходно од 2015 до 2017 година беше директор на Државниот земјоделски инспекторат. Во периодот од 2006 до 2008 година е прв човек на Државната фитосанитарна лабораторија.
Од 2008 година до 2012 година беше и пратеник во Собранието на РМ, а моментално е и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
По струка е дипломиран земјоделски инжињер, а моментално е и пост дипломец на Земјоделскиот Институт во Скопје. Оженет е и татко на две деца.
За нов заменик-министер за информатичко општество и администрација ќе биде актуелната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ Невенка Стаменковска-Стојковски. Таа е магистер по европско право и право на Европска унија.
Претходно работела во секретаријатот за европски прашања и во Агенцијата за странски инвестиции каде што била координатор на економските промотори, и работела на привлекување странски инвестиции.
Има знаење и пракса од повеќе меѓународни обуки како што е работа на прашања поврзани со ООН, организирана од секторот за мултилатерала на МНР. Била ангажирана на националната програма за усвојување на правото на ЕУ, координација на ЕУ фондови и други обуки.
Comments are closed for this post.