Советот на Град Скопје на последната седница ја потврди иницијативата поднесена од Општина Аеродром, која се однесува на новиот Регулациски план за Реонски центар и населба Лисиче. Со оваа одлука се потврдува бришење на вкупно 4 градежни маркички на посочените локации, а исто така со ваквото носење на одлуката, се овозможува и стартот на проектот за изградба на Спортскиот центар „Пирин“ во населба Лисиче. Со ваквата одлука, аеродромци наскоро ќе добијат нов парк на површина од 6.000 м2 како и комплетно нов спортски комплекс.

Бришењето градежни маркички во урбаното јадро на оваа скопска општина, според локалното население е исклучително важно, па активисти за заштитна на животната средина позитивно реагираа на одлуката на Советот на Општина Аеродром, токму во Реонскиот центар, наместо првично најавените проекти за изградба на згради, просторот да се пренамени во парк.

Важноста за нови зелени површини во најбројната скопска општина е дотолку поголем што населението во Општината, особено во овој нејзин дел, се претежно млади луѓе со мали деца што имаат потреба од еден ваков раззеленет простор. Дополнително, засадувањето нови садници е важно и поради фактот што оваа скопска општина, со години наназад високо котира на листата на најзагадени општини кога станува збор за квалитетот на амбиенталниот воздух.

И градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски на социјалните мрежи се пофали дека конечно нема никакви пречки за реализацијата на ваквите проекти.

Со оваа одлука, се потврдува нашата иницијатива за бришење на вкупно 4 градежни маркички на посочените локации. Две од маркичките на кои претходно беа планирани згради сега се претворени во земјиште на кое ќе има парк од 6.000 квадратни метри, додека останатите две од станбено-деловен простор стануваат објекти за образование. Дополнително, одлуката на Советот за потврдување на нашата иницијатива, конечно ги создава правните предуслови за отпочнување на процесот за изградба на Спортскиот центар „Пирин“ во населба Лисиче – рече градоначалникот Муцунски, кој истакна и дека тие како општинско раководство имаат за цел да го оправдаат епитетот на прва општина што пренаменува маркички од згради во паркови и објекти од корист за сите граѓаните.

Во својата предизборна програма, Муцунски најави дека во делот на Реонскиот центар ќе никне нов парк, кој ќе биде збиралиште на аеродромци и каде што ќе бидат засадени најразлични видови дрвја во согласност со спецификите на подрачјето. Според најавите, освен зеленило, во паркот ќе има и многубројни детски реквизити, урбана опрема и интересни содржини за сите возрасти на деца.

Кога станува збор за отпочнување на процесот за изградба на Спортскиот центар „Пирин“ во населба Лисиче, според најавите на локалните власти, предвидено е местото да биде претворено во спортски комплекс во чии рамки ќе има фудбалски, кошаркарско и ракометно игралиште.