Со греана ракија, вино и пача, капење на тајфата на чело со фаќачот на чесниот крст, Иван Лотески и староградска охридска музика на ансмбалот „Билјана Јуниор“ охриѓани и гостите на плоштадот кај Долна порта, во центарот на градот, го одбележаа денот на Рибарите.

 

И оваа година изостана пливањето по буриња со вино, но затоа се готвеше вкусна рибна чорба. Професорите и учениците од средното угостителско училиште Ванчо Питошески подготвија околу 5000 порции вкусна рибна чорба.

„Оваа година се употребени 500 килограми риба и други зеленчуци кои се потребни за подготовка. Во подготовката учествуваа 20 ученици и професори од угостителското училиште. Рибата е лосос и ослич и очекуваме дека ќе има околу 5000 порции на чорба. Некаде 30 часа се потребни за за да се подготви оваа чорба и нормално поголем број на луѓе“, рече Блаже Јорданоски-професор во Угостителското училиште во Охрид.

Денот на рибарите во минатото го означувал крајот на забраната за риболов на Охридската пастрмка по зимскиот мрест. Според сведочењата на повозрасните, на овој ден рибарите се капеле за да ја покажат нивната приврзаност кон езерото.