Како дел од активностите за решавање на проблемот со бездомните кучиња, утре во Скопје доаѓаат претставници од британското Кралско здружение за заштита на животни од суровост (RSPCA). Тие, заедно со претставници од Секоторот за благосостојба на животните од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), ќе го посетат новоотвореното прифатилиште „Лајка”.
Како што вели за МИА директорот на АХВ, Зоран Атанасов, целта на посетата и соработката е „Лајка” да се преадаптира во современ објект за прифаќање на кучињата-скитници со соодветни, подобри услови за згрижување.
Во рамки на преадаптирањето, АХВ ќе сугерира обезбедување простор и за копитари.
-Сметаме дека во „Лајка” треба да се предвидат два до три бокса за сместување копитари. Се работи за копитарите што ќе се затекнат по некоја од градските улици или по некоја од слободните површини. Целта е всушност да се обезбеди место на кое комуналните инспектори ќе ги носат овие животни по заловувањето. До сега такво нешто не постоеше, објасни Атанасов.
Директорот открива дека веќе е обезбедена и една приколка за транспорт која се наоѓа во прифатилиштето.
Пред две недели експертот од Кралското здружение, Брајан Фаулкнер, беше гостин на едукативната работилница што ја организира АХВ во Охрид. Им одржа неколкудневни теоретски и практични предавања на вработените од ЈП „Охридски комуналец” и Општина Охрид, која е во фаза на воспоставување систем на прифатилиште за бездомни животни. Фаулкнер детално ги објасни постапките и стандардните оперативни процедури, техниките и методите на заловување на бездомните животни, нивната благосостојба и тертманот во прифатилиштата.
Во октомври минатата година, пак, експерти од RSPCA одржаа состаноци со претставници на ЗЕЛС за воспоставување соодветни системи за контрола на бездомните животни. Претходно, дресери на кучиња од Министерството за внатрешни работи и Армијата на Република Македонија, ветеринари, претставници на ветеринарните друштва и невладини организации за заштита на животните, беа дел од тридневна обука за спроведување на тестот за социјализација на кучиња согласно Законот за заштита и благосостојба на животните што, повторно, го реализираа експерти од британското Кралско здружение. Обуката се одржа во Центарот за одгледување и дресура на кучиња на АРМ во касарната Ѓорче Петров во Скопје
Comments are closed for this post.