Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) вршат континуирани контроли и на пратките со цитрусно овошје кои се увезуваат во земјава и досега немаме добиено нотификација дека на пазарот се пласирани небезбедни мандарини, вклучително и мандарини кои се увезуваат од Република Турција, информираат од АХВ.
Во рамки на контролите при увоз и на овој тип овошје, прецизираат од АХВ, по потреба се земаат мостри за лабораториско испитување, вклучително и за евентуално утврдување на присуство на пестицидот поради кој била изречена забраната за увоз на мандарини по потекло од Република Турција во Република Српска.
-Пратки со посоченото цитрусно овошје од Турција во земјава, лабораториски се тестирани во декември 2018 година, а во фаза на лабораториско тестирање се и мострите кои инспекторите за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство ги земаа овој месец. Во испитаните мостри во декември не се утврдени отстапувања во поглед на безбедносните критериуми за цитрусното овошје. Досегашните, со години извршени испитувања на безбедноста на цитрусното овошје, покажуваат резултати во граници на дозволеното поради што не се изречени ниту забрани за увоз, велат од АХВ.
Минатата година во земјава биле увезени повеќе од 8,6 милиони килограми мандарини, најмногу од Турција и соседна Грција.
Comments are closed for this post.