Околу 70 отсто од играчките на пазарот во Македонија се небезбедни, се продаваат на отворено, на пазарите, немаат соодветна декларација, ниту информација за нивниот хемиски, физички, безбедносен состав.

Ова е проценката на граѓанската организација „Новинари за човекови права“, која спроведе истражување за состојбата со играчките на пазарот во Македонија, со цел да се подигне свеста за нивната безбедност и да се направи споредба со резултатите од истражувањето спроведено во 2013 година.

Тестирањето играчки во Скопје и во Битола, спроведено при истражувањето, покажало дека најголем дел од играчките немале соодветна декларација, а повеќе од половината имале знаци кои насочувале дека се токсични.

Над 70 отсто од играчките се небезбедни и содржат ситни делови, а бучавата кај сите е речиси недозволена односно над 85 децибели. За безбедноста на играчките е задолжен Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а за увозот и нивната испорака се задолжени министерствата за здравство, животна средина и економија – изјави Наташа Доковска, која е и проектен координатор на истражувањето.

На презентацијата на наодите од истражувањето, Доковска соопшти дека во Македонија се продаваат помал број безбедни играчки односно се продаваат помал број брендирани играчки.

Има 17 компании чија примарна дејност им е увоз на брендирани играчки, но само четири од нив увезуваат еколошки безбедни играчки кои се произведуваат во светот, односно станува збор за 20 признати бренда. Сите други останати играчки на македонскиот пазар се небрендирани – изјави Доковска.

Таа посочува дека во 2013 година на македонскиот пазар биле застапени 50 бренда, а сега само 20.

Претпоставувам дека намалувањето се должи на намалувањето на економската моќ. Едноставно луѓето немааат пари да ги купат и увозниците ги затвораат продавниците. Сите сме свесни и гледаме дека најголем дел од тие големи продавници за играчки не постојат или се преполовени и во нив се продава друга стока, а не само играчки – истакна Доковска.

Координаторката на проектот потенцира дека треба да се едуцираме за тоа што треба да содржат играчките, да внимаваме што купуваме, да ја следиме Рапекс листата која е алатка на ЕУ на која секоја недела се објавуваат сите производи кои се забранети на европскиот пазар.