Власта на СДСМ е корумпирана до коска. Од највисоките до најниските ешалони на власта, се е заглавено во криминал. Се местат тендери, се рекетира, се ограбуваат буџетски средства, а по се изгледа малку им се парите на македонските граѓани, па решиле да ги пустошат и европските фондови, ова денеска преку прес-конференција го истакна Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ има сериозни сомненија дека милиони евра од европските фондови се злоупотребуваат преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. За да имате претстава за колкави средства станува збор, само ќе напоменеме дека агенцијата за 2018 година располагала со буџет од приближно 6 милиони евра. Сознанијата кои ги имаме укажуваат на тоа дека преку сомнителни одлуки на сомнителни евалуатори, едни исти невладини организации постојано добиваат голем дел од колачот, а не останале со куси ракави и луѓе кои биле дел од судската власт. Постојат сомненија дека луѓе инволвирани во целиот процес, толку биле охрабрени што дури и преку електронска пошта барале процент од парите кои би биле доделени за одреден проект, а како против услуга ја нуделе нивната помош и посредување. Стотици илјади евра на агенцијата се трошени и на сомнителни набавки кои треба да бидат интерес на органите на прогонот. Наместо националната агенција да работи транспарентно и отчетно, тие ги кријат податоците за резултатите од добиените грантови. Имено, резултатите од првиот рок на аплицирање за проектите од клучна акција (КА105) кој што беше до 5-ти односно 12-ти февруари 2019 година, Националната агенција во Македонија ги објави на 08 јуни 2019 година. Четири месеци подоцна. На овој начин, на апликантите кои беа одбиени во првиот рок на аплицирање им беше одземено правото своите проекти да ги корегираат и со нив да аплицираат во вториот рок во април, вели Андоновски.
Тој додава дека само како пример ќе наведам дека Националната агенција на Португалија резултатите ги објави на 6 – ти април, на Финска на 29 март, Националната Агенција во Летонија на 19 април. Со жалење констатирам дека истото се повторува и сега во месец август и септември.
-Денес, јасно е дека, во обид да го попречи развивањето на домашниот невладин сектор, директорката на НА – госпоѓа Лидија Димова, од само нејзе познати причини, на нетранспарентен начин ги води сите постапки за доделување на средства на невладини организации. Ненавремено објавените резултати за кои зборуваме ги немаат ниту потребните информации, кои според строгите правила на Еразмус мора да бидат објавени. Во резултатите недостасуваат информации за тоа колку вкупно проекти аплицирале, кои од проектите се на листата за чекање, со колку поени се бодувани аплицираните проекти, како и областите и насловите на проектите. Од прикажаното не може да се види ниту името на проектот, ниту колку бодови имаат наградените проекти. За споредба, да ја земеме Националната Агенција на нашиот сосед Бугарија која резултатите уредно ги објави на веб страницата на 25 Април, 2 месеци пред македонската НА. Од објавените резултати може да се видат следниве информации: име на организацијата, име на проектот, град, вкупен број на поени кои што ги добил проектот, како и финансиската конструкција на проектот. Графите се поделени на проекти кои се одобрени од страна на НА, проекти кои се на листата за чекање и проекти кои се одбиени. Од анализата која што ја направивме на таков начин резултатите ги објавуваат и НА на: Италија, Финска, Летонија, Хрватска, Португалија. Видовме деновиве имало средба со Португалската НА, па раководството на нашата НА можеле да ги прашаат како се вршат транспарентни распределби на средства. Но, за разлика од нив, очигледно госпоѓата Лидија Димова и нашата Национална агенција, во желба нешто да скријат, објавуваат само оскудни информации за одобрените средства. Да не забораваме дека Лидија Димова, додека беше во опозиција не престануваше да зборува за транспарентност, отчетност и непартизираност, истакнува Андоновски.
Тој го постави и прашањето: Дали намерно постојано се доцни со објавување на информациите за да се фаворизираат одредени организации на сметка на останатите?
-Ова доаѓа од фактот што евидентно од нашата анализа е дека 4 од 6-те организации кои во првиот циклус во февруари 2019 добиле грантови само во оваа клучна акција 105, се грантисти од изминатите години на владеењето на Димова, така на пример: Европски Културен Епицентар – Битола (добил 2 грантови), Младинска Алијанса Крушево – Младински сојуз Крушево (3 грантови), Сумнал Скопје (5 грантови) и Мрежа за доживотно учење Тетово (2). Зборуваме за вкупна сума од околу 170.000 евра. Ако побарате информации за овие организации, ќе видите дека дел од нив немаат достапни годишни извештаи, а раководната структура се крие како змија нозе. Ако ги видите пак нивните активисти, ќе видите дека дел од нив беа исклучително активни во т.н. граѓански протести кои го донесоа СДСМ на власт. Табелите со НВО-ата и доделените средства ви ги доставуваме за ваша понатамошна анализа. Да потсетиме дека во овој случај не се работи за лични пари на госпоѓата Димова, туку за средства на граѓаните на ЕУ, за кои Европската комисија води посебна грижа. Еразмус+ програмата е финансирана од Европската Комисија и за непочитувањето на правилата и нетранспарентноста на нашата НА ќе бидат известени и соодветните органи во Комисијата.
Затоа што ова е само мал дел од скандалозното раководење на НА, прашуваме и:
- Дали на овој нетранспарентен начин, Лидија Димова преку НА сака да му наштети на цивилниот сектор во Република Македонија и да се спречи негово слободно развивање без контрола од власта?
- Дали Националната агенција и доделувањето проекти е директно контролирано од една невладина организација која е блиска до Лидија Димова и до уште неколку пулени на сегашната власт на СДСМ, меѓу кои и министри, заменици министри и сегашни и поранешни функционери?
- Дали Националната агенција наместо парите да ги распределува на НВО и образовни институции во крајно спорен процес, троши над 6 милиони денари за себе промоција и маркетинг?
- Дали Лидија Димова доделува огромни финансиски средства на подобни луѓе од правосудниот свет, со цел корумпирање и нивно придобивање во борбата со политичките неистомисленици?, прашува Андоновски.
Тој потенцира дека време е за одговорност на менаџерите на институциите, заради срамот и омаловажувањето кое и се случува на Република Македонија, особено во областите кои се од интерес на младите а поддржани од Европската Унија. Но кон ЕУ не се оди со празни фрази за блескање и исполнување критериуми а од друга страна со крајно сомничав и нетранспарентен пристап во работењето. Одговорност и одговори мора да има.
Comments are closed for this post.