Власта сака да ја продаде АД Славија за 200.000 евра иако имотот на акционерското друштво во сопственост на државата изнесува дури 20 милиони евра, открива опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Како што велат оттаму, Агенцијата за одземен имот закажала аукција на два дена пред Нова година за продажба на акциите на АД Славија.
– Почетната цена е 218.535 евра, или 50 евра по акција. Кога во 2012 година се правеше обид да се продаде друштвото, власта тогаш акциите ги проценила на вредност од 1.715 евра. АД Славија има огромен имот. Само управната зграда вреди 9 милиони евра, а останатиот имот се наоѓа низ цела Македонија. Побарувањата за плати и придонеси, како и за други долгови е три до пет милиони евра – обвинува партијата .
Од ВМРО-ДПМНЕ се плашат дека со малверзации на аукцијата која е закажана под сомнителни околности за мала сума на пари ќе се приватизира голем имот во сопственост на државата.
Портпаролот на партијата, Димче Арсовски, се сомнева дека купопродажбата која ќе биде извршена во последните денови од годинава ќе биде во корист на бизнисмен близок до власта и до премиерот Зоран Заев.
– Никаде Владата нема направено нова проценка согласно законските и етичките обврски за да се утврди колку чинат објектите и останатиот имот. Ниту диртекторот на АД Славија, ниту Агенцијата за одземен имот, ниту на Владата не им текнало да направат проценка. Ова е за блиски луѓе бизнисмени да можат да ја купат за малку пари. Ако се направи проценка, таа вреди повеќе од 20 милиони евра и ако се одбие долгот од 4-5 милиони евра, може да се продаде за 15 милиони евра – oбвинува партискиот портпарол Димче Арсовски.
Comments are closed for this post.