Претпладневниот дел од 86-та собраниска седница, на која единствена преостаната точка е интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пратениците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ја искористија за меѓусебни препирки.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски рече дека МВР се користи како инструмент за злоупотреба и селективност, при што луѓе блиски до власта се штитат, а се гонат политички неистомисленци.
Милошоски рече дека убиецот и нарачателот на убиството на Мартин Јанушев се во Белград, а убиецот на Мартин Нешкоски е во затвор. Додаде дека правдата за Јанушев нема да биде задоволена се додека убиецот и нарачателот се наоѓаат во Белград.
Милошоски побара од министерот да ја разреши дилемата дали навистина Стево Пендаровски е следен од тајни служби или пак тоа, како што рече, било само за да се сврти вниманието кон нивниот кандидат за претседател.
-Иако сé уште не се кандидати, тие се безбедни. Тогаш кога ќе бидат поднесени кандидатурите секој од нив ќе добие службено обезбедување доколку тоа го посака. Прво да ги дознаеме официјално претседателските кандидати, а потоа доколку биде потребно ќе им биде обезбедено соодветно обезбедување, рече Спасовски.
Тој додаде дека има пријави до МВР во врска со Пендаровски.
– Едната фотографија од Пендаровски е снимена на паркингот спроти хотелот „Холидеји ин”, а другата во кафе барот „Плеј” на ул. „Македонија”, а беа објавени на социјалните мрежи, рече Спасовски.
Тој отфрли било какво присуство на странска служба зошто, како што рече, таква работа нема.
– Не сакам да се замајуваме со жолти комбиња и странски служби. Тоа време заврши, додаде министерот.
Милошоски, реплицирајќи му на Спасовски, рече дека е задоволен од неговиот одговор затоа што во Собранието го расчистиле фактот дека Пендаровски не е следен од странски служби
Пратеникот Горан Мисовски од НСДП обраќајќи му се на Милошоски рече дека во времето на ВМРО-ДПМНЕ било злоупотребувано МВР, притоа посочувајќи го апсењето на, како што рече, партиски неистомисленици како Љубе Бошкоски, уривањето на објектот на Фијат Цановски, потоа случајот „Детонатор„, „27 април”…
Реплицирајќи му на Мисовски, Милошоски рече дека во 2006 година за да биде избрана Гордана Јанулоска за министер за внатрешни работи и тој многу помогнал и за тоа му е благодарен.
Расправата по интерпелацијата за министерот Спасовски пратениците ќе ја продолжат попладнево по редовната пауза.
Comments are closed for this post.