Имам бесконечна доверба во членството и делегатите на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ. Се надевам дека ќе бидам избран за кандидат. Секој резултат ќе го почитувам. Секој претседателски кандидат избран на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ ја има мојата целосна поддршка. Од понеделник тргнуваме заедно да ги поразиме Заев и СДСМ.

Ова е првата од трите пораки, или како што тој ги нарекува-важни работи, што пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, ги испрати на својот ФБ профил спроти партиската конвенција за избор на претседателски кандидат за претстојните претседателски избори во државата. Тој уште пред неколку недели ја промовираше својата кандидатура и во текот на својата кампања посети повеќе општински комитети во неколку градови и населени места, а богата беше и неговата меѓународна активност.

Во останатите „важни работи“ Ѓорчев вели:

2. Второ, Христијан Мицкоски ја има мојата целосна поддршка како претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Изминативе 15 месеци, сега во моментов и понатаму стојам зад неговата напорна работа во овие тешки околности за државата и ВМРО-ДПМНЕ. Во следните месеци и години треба да се насочиме кон штетните политики на СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ е најсилна како обединета и сплотена структура. Христијан Мицкоски е нашиот кандидат за премиер на следните парламентарни изботи, а потоа мандатар и претседател на Владата на Република Македонија.

3. Трето, како претседател на Република Македонија, после првиот ден со Мицкоски како премиер, ќе иницирам повторно основање на тимовите за странски инвестиции. Ќе го вратиме времето кога во Македонија се отвораа фабрики и погони секој месец. Како претседател, подготвен сум со идниот премиер Мицкоски заедно да појдеме низ целиот свет за да привлечеме нови инвеститори и да се отвораат нови работни места. Да расте стандардот и да ги задржиме младите. Заеднички и сплотено ќе се бориме за подобра Македонија.