Управата за водење матични книги издала 21.957 погрешни изводи во 2019 година, односно 4% од вкупно издадените изводи, утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР) од спроведената ревизија врз Управата.
Во ревизорскиот извештај е потенцирано и дека Управата ја нема утврдено одговорноста за надоместување на трошокот при грешки во издавањето на изводите, па поради тоа за изводите во 2019 година на биле уплатени 1,1 милиони денари на сметката на Управата, и скоро 2,2 милиони денари во Буџетот на Република Северна Македонија како приход од административни такси.
ДЗР изразиле и неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи на Управата, а даваат и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива.
„На сметката на Управата уплатени се помалку средства по основ на издадени изводи, во износ од 901 илјада денари, односно согласно рекапитуларите за раздолжување по подрачни одделенија издадени се повеќе изводи отколку што се направени уплати. Исто така во Буџетот на РСМ по основ на административна такса уплатени се помалку средства по основ на издадени изводи, во износ од 1.803 илјади денари“, стои во дел од извештајот на ДЗР.
ДЗР во извештајот утврдуваат и одредени неправилности во јавните набавки и реализацијата на склучените договори на Управата, потоа неуредно пополнети барања за издавање на изводи на родени, венчани и умрени каде ги нема сите потребни податоци кои се бараат на образецот, немање интерна процедура со која се регулира постапката на издавање на изводите, како и не водење материјална евиденција на изводите по поединечен сериски број.
Од ДЗР наведуваат и дека одговорните лица од Управата за водење на матични книги немале забелешки на извештајот.
Целосните ревизорски извештаи можете да ги погледнете ТУКА и ТУКА.
Comments are closed for this post.