Директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија, во отворено писмо до јавноста, по втор пат се извини, но ниту збор за тоа дали ќе даде оставка за скандалот што го предизвика со Хрватска, Словенија и Унгарија.
Тој неодамна на социјалните мрежи ја навредуваше хрватската влада, премиерот Пленковиќ, како и владејачката ХДЗ кои ги нарече „фашисти“ и клуб на криминалци, а во клуб на криминалци ги смести и премиерите на Словенија и Унгарија, Јанша и Орбан.
Наместо оставка за навредите од страна на Тозија кој е именуван владин функционер, тој во своето писмо ги обвини порталите дека ги спинувале неговите коментари. По објавувањето на навредите од страна на Тозија, голем број на организации од Хрватска, Македонија и Словенија побараа негова оставка.
Во продолжение отвореното писмо на Тозија
Дозволете ми на самиот почеток да го изразам своето искрено жалење за непријатните медиумски изложувања поттикнати од преписка на социјалните мрежи, која во ниту еден случај не ги претставува официјалните ставови на С. Македонија, ниту пак се одраз на моето политичко, идеолошко, културно, социолошко и конечно, морално убедување во светло на македонско-хрватските релации.
Моето јавно извинување претставува морален, но и пријателски чин на подадена рака за надминување на какви било недоразбирања.Чувствувам потреба да ги објаснам нападите врз мене со оглед на тоа дека моите коментари се спинувани и користени во сосема друг контекст од мојата интенција. Очигледно е дека ваквите натписи потекнуваат од добро организирана машинерија којашто меѓу другото, неуморно работи и на оцрнување на мојот лик и дело. Во период на предизборен процес и во двете земји, нималку не сум изненаден од ваквиот обид за поларизирање на јавниот дискурс, но она што ме изненадува е леснотијата со која се пласираат лаги, навреди, малициозни коментари како за мене лично, така и за мојата земја.
Иако знам теоретски, сега имав можност да се уверам дека голем дел на медиумската слика припаѓа на порталите, кои се сега во трка по скандали, по ексклузивитет, тоа е планетарна реалност која дезинформирањето го носи како норма, а бројот на кликови како критериум за квалитет. Но, уште повеќе, во случајов целта е далеку подолна. Затоа и ова чувствуво на зашеметена свест како после предолго возење на рингишпил, кога човек за момент не може да си дојде на себе си.
Од каде да почнам? Од генезата на долгиот конфликт за кој се води правна постапка меѓу Агенцијата за филм на Северна Македонија и Винко Грубишиќ од Јадран филм? Oд сопките што ги добивам затоа што спасив милионски суми за проекти кои не беа реализирани, па се сомневам дека оваа хајка е поврзана токму со оваа афера? Или да почнам од пошироката слика за мојата идеолошка заложба мојата татковина да ја видам во ЕУ и НАТО, рамо до рамо со сите цивилизирани земји во Европа вклучувајќи ја и Хрватска?
Дека имам трошка надеж, после 11 години стагнација, конечно Владата да направи дипломатски чекори, историски моменти и да се приближиме до идејата за вклучување во ЕУ. Или да почнам да објаснувам за мојата лична нераскинлива врска со Хрватска, моето трпеливо учење за филмот од големиот Бранко Лустиг, до меѓусебните соработки, живот,семејство, пријатели, се до професионално испреплетување и бројни заеднички проекти. Впрочем за Хрватска сум го ставил и својот живот на ризик, снимајќи го уништувањето на културните споменици на Дубровник од бомбардирањето при распадот на СФРЈ.
Од каде и да почнам, секогаш ќе завршам со моите пријателски чувства кон Хрватска и хрватскиот народ, и мојот анимозитет кон оние чии намери, водени од нивни политички агенди, се да ги поткопуваат отворените, демократски, пријателски процеси кон кои заеднички треба да се стремиме.
Comments are closed for this post.