Советот за оценка на обвинителен акт при Одделението за гонење организиран криминал и корупција при скопскиот Кривичен суд во целост го одобри обвинението за случајот на СЈО „Талир“. Во овој случај, за незаконското финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски,  Миле Јанакиевски, Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска.

 

Советот за оценка на обвинителен акт при Одделението за гонење организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1, постапувајќи по оценка на обвинителен акт на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите во предметот од обвинителството означен како „Талир“ за незаконско финансирање на правно лице – политичка партија, по одржана јавна седница во присуство на странките, донесе решение со кое обвинителниот акт го одобри во целост, соопшти Кривичниот суд.

По формирање на кривичен предмет по оценетиот обвинителен акт, истиот согласно АКМИС системот ќе биде распределен на судија за понатамошно постапување, а по закажана главна расправа, како што велат од Судот, странките и јавноста ќе бидат благовремено известени.

Што се однесува до вториот обвинителен акт за истиот предмет што се однесува на незаконска изградба, истиот веќе е распределен кај судија за оценка на обвинителен акт и по донесено решение, Судот навремено ќе ја информира јавноста, се наведува во соопштението.

Специјалното јавно обвинителство на 22 ноември минатата година до скопскиот Кривичен суд поднесе два обвинителни акта како резултат на спроведената истражна постапка во предметот познат во јавноста како „Талир“.

Од причини на целисходност ова Јавно обвинителство ја раздвои постапката во предметот „Талир“ и поднесе две обвиненија. Едниот обвинителен акт се однесува на незаконско финансирање на правното лице – политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, а вториот обвинителен акт се однесува на незаконската изградба на седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Kривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 постапувајќи по предлог на СЈО за „Талир“ на 28 ноември 2018 година донесе решение со кое го уважи предлогот и на обвинетиот Никола Груевски кој е во бегство во Унгарија му определи мерка притвор во траење од 30 дена, сметано од денот на неговото пронаоѓање, односно лишување од слобода.

Обвинетата Елизабета Чингаровска од ВМРО-ДПМНЕ ја призна вината во случајот „Талир“ и се спогоди со Специјалното јавно обвинителство. Судот ја осуди на двегодишна условна казна која нема да се изврши ако таа во наредните пет години не стори ново кривично дело