Судијата од Управниот суд, осомничен за злоупотреби со предмет за денационализација, се повикал на правото на судиски имунитет откако Обвинителството за организиран криминал и корупција побара од судија на претходна постапка да му одреди притвор, информираат од Кривичниот суд.
До судија на претходна постапа при Основниот суд Скопје 1 – Скопје од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во текот на вчерашниот ден е доставен предлог за определување мерка притвор за едно лице – судија во Управен суд на Р.С.М. заради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 ст.5 в.в. со ст.3 и в.в. со ст.1. Со оглед да се работи за судија кој се повикал на правото на судиски имунитет, до Судскиот совет на Р.С.М., како надлежен орган, е доставено барање за одобрување мерка притвор, имајќи го во предвид правото на судиите во вршење на судската функција и уживање имунитет, а согласно член 100 од Уставот на Р.С.М. во врска со амандманот 27 и 29 и член 65 од Законот за судови. Откако Судскиот совет ќе се произнесе по барањето на Кривичниот суд , судија на претходна постапка ќе одлучува, а странките и јавноста ќе бидат благовремено известени“, се наведува во денешното соопштение од Кривичниот суд.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера донесе наредба за спроведување на истражна постапка против судијата.
Од Јавното обвинителство информираа дека осомничениот, во периодот од 10.09.2018 година до 24.01.2019 година, ја злоупотребил својата службена положба и овластувањe и ги пречекорил границите на своето службено овластување преземајќи дејствија што не смеел да ги преземе, како и непреземајќи дејствија што бил должен да ги преземе, со што сторил кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 став 5 во врска со став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомниченото лице, како што е наведено во соопштението, претходно како адвокат преземал дејствија и ги застапувал интересите по барање за денационализација на две лица, на чиј правен претходник му бил определен и исплатен надомест за земјиштето што било предмет на барањето за денационализација. Во меѓувреме, осомничениот бил избран за судија на Управниот суд. Во септември 2018 година за предметот за денационализација по кој постапувал во својство на адвокат, до Управниот суд била поднесена тужба, а тој ја земал во работа.
Како претседател на совет, осомничениот, учествувал во донесување на пресуда со која спротивно на одредбите од „Законот за води“, „Законот за заштита на Охридското, Дојранското и Преспанското езеро“, „Законот за денационализација“ и „Законот за Управните Спорови“, недвижниот имот – градежно неизградено земјиште во Струга, било вратено во приватна сопственост на барателите, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Comments are closed for this post.