Уште колку долго Обвинителството при уши ќе се прави глуво и при очи слепо, праша денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, во врска со случајот со градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш.

Според него, градоначалникот кој тепа, навредува и омаловажува граѓанин во својот кабинет, е пулен и штитеник на Зоран Заев, но и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој за целиот случај наместо пријава го заверил како поплака.

 

Пет дена поминаа, а во Јавното обвинителство никако да стигне гласот за аудио снимката во која постојат наводи дека градоначалникот на СДСМ, Курто Дудуш, во својот градоначалнички кабинет бесправно лишил од слобода, измачувал, тепал и навредувал граѓанин. Патем, во Јавното обвинителство два дена се уште не виделе дека полицијата предводена од Оливер Спасовски го забошотува случајот, односно поднесената пријава само ден подоцна, кој знае под какви притисоци, била преквалификувана во обична поплака по која МВР нема обврска да делува, изјави Стоилковски.

Тој запраша зарем е толку голем притисокот на власта овој случај да се забошоти, па мораат во обвинителство вака да се однесуваат? Обвинителството, според него, молчи и се прави недоветно и со тоа се претвора во „соучесник на оваа политичко-институционална насилничка банда која што измачува граѓани“.

Тоа што нема ова заробено Рускоска обвинителство да го процесуира, ќе го процесуира обвинителство кое ќе биде ослободено од стегите на Заев и власта во заминување. Граѓаните гледаат дека овој криминално насилнички картел е во распад и следи период кога што ќе има одговорност за сите од власта на Заев кои го тероризираа, пљачкаа и осиромашуваа овој народ, но и за сите оние кои тоа го штитеа, рече Стоилковски.