По саботните мирни опозициски протести во Белград, од кога беа испратени барања за дијалог за формирање на заедничка комисија на Владата и опозицијата за дефинирање на фер и чесни изборни услови, за избор на нов состав на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) и на технички и уреднички тим на Радио Телевизија Србија и Радио Телевизија Војводина во рок од шест дена или во спротивно опозицијата ќе организира „уште поголем протест“, според првичните реакции тешко дека ќе биде воспоставен каков било дијалог на двете страни.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, по вчерашната изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ дека барањата на опозицијата се бесмислени и дека нема да разговара со нив, упатувајќи ги на Собранието и по повикот на собранискиот спикер Маја Гојковиќ за дијалог во Собранието во вторник за подобрување на парламентарната работа околу поднесувањето амандмани, еден од лидерите на опозицискиот Сојуз за Србија, Борко Стефановиќ изјави дека пратеници на опозицијата нема да го прифатат повикот за дијалог за подобрување на работата на Собранието.
Сојузот за Србија е во фаза на формирање на делегација на претставници од опозициските партии и од непартиски личности за преговори со власта, а што се однесува до власта тие можат да имаа и ненадлежни личности…. Со Вучиќ не сакаме да разговараме, но ако ја формираме оваа тркалезна маса на двете делегации и доколку тука се најдат Александар Вучиќ и Маја Гојковиќ, тоа ќе е нивна партиска работа, изјави Стефановиќ.
Гојковиќ денеска најави дека во консултација со претседателот Вучиќ и со српската премиерка Ана Брнабиќ наскоро ќе свика седница на Собранието посветена на Косово, на која ги очекува и пратениците од опозицијата.
По ваквата најава, претседателката на независната пратеничка група во Собранието, Маринка Тепиќ оцени дека Гојковиќ е „генераторот на насилството врз опозицијата“, која би требало да биде сменета за опозицијата да се врати во Парламентот.
Таа е некој чија смена ја бараме две години и со Маја Гојковиќ немаме што да зборуваме. Ова е фарса, ова е едно чистење на огледалото пред се, би рекла, за меѓународната јавност. Во однос на Клубот на независни пратеници и речиси сите членови на опозицијата кои се во бојкот и кои излегоа на улица со граѓаните, јасно е дека нема да одиме кај Маја Гојковиќ на канабе, изјави Тепиќ за ТВ Н1.
Српскиот претседател изјави дека во тек на големо се подготовките за „најголемиот митинг во Србија“ в петок на 19 април во рамките на неговата кампања „Иднината на Србија“, додека опозицијата најавува дека да доколку не се исполнат нејзините барања, исто така, ќе организира „голем протест“ в сабота на 20 април.
Comments are closed for this post.