Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христија Мицкоски денеска ја обвини власта и премиерот Зоран Заев дека стојат зад „Рекет“ и ги штитат осомничените и криминалот.

На прес-конференција во партиското седиште, Мицкоски кажа дека „Рекет“ не е можен без поддршка и знаење на Заев. Посочи дека Катица Јанева се уште го води компромитираното СЈО, и оти треба дополнително да се испита улогата и на сите останати обвинители и помошници и можноста за постоење други вакви случаи.

Мицкоски забележа зошто Јанева не е во притвор, кога во минатото СЈО барало притвор за многу помали случаи.

Јанева не е во притвор, може да избега, да влијае на сведоците и да го повтори делото. Нема правна држава. Ако ја имаше, Катица ќе беше во притвор, а главата на октоподот наместо со лисици на рацете немаше да се заканува на новинари и да забошотува криминали, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Како лажна ја оцени изјавата на Јанева дека ниту свесно ниту несвесно имала врска со „Рекет“. Објавените снимки, според него, покажуваат дека СЈО и првиот човек се вмешани.

Потсети и на изјавата на Заев дека и верува на Катица и дека е човек со капацитет.

Сакаше да ја унапреди за републички јавен обвинител, а другите обвинители од СЈО да продолжат во новото обвинителство. Сака компромитираното СЈО да го преслика во обвинителскиот систем. Тоа сака да го направи со закон. Тоа не може да помине, рече Мицкоски.