Во Министерството за внатрешни работи паралелно ќе се спроведуваат два процеси, едниот е „ветингот“ – проверка на личниот интегритет, имотната состојба и образованието на секој полициски службеник, а другиот имплементација на препораките од ГРЕКО.
Тој потсети дека до 20 август годинава треба да се формира посебна група што ќе ја врши проверката и ќе изготви Акциски план со конкретни дејстивја и рокови, кој потота ќе биде доставен до Владата и врз таа основа од 20 август ќе се знае како ќе се одвиваат сите чекори во делот на процесот на „ветинг“.
Министерот Спасовски очекува дека тоа ќе биде успешен процес и ќе ги исполни очекувањата на граѓаните, меѓутоа, како што рече, ќе даде поттик и на другите институции, со цел да се зголемат капацитетите и интегритетот на луѓето кои работат во институции во интерес на граѓаните. Тој посочи дека во еден дел во УБК веќе работат комисиите.
– Со оглед тоа дека би спроведувале проверка на полициски службеници, Акцискиот план би бил во таа насока. Како тој ќе се спроведе, во кои рокови, кои области ќе ги опфати и врз основа на тоа ќе се направи целиот процес, рече Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање што би содржел тој Акциски план.
Прашан дали се очекува со „ветингот“ да бидат избркани од работа голем број полициски службеници, министерот Спасовски истакна дека не посакува да бидат бркани од работа, туку да се направи проверка и секој што заслужува да биде дел од полицијата, да работи во интерес на граѓаните и да бидат полициски службеници такви какви што граѓаните ги посакуваат.
– Да знаат да се однесуваат добро, да знаат дека интересот на граѓаните и на државата е пред се, да знаат дека не може да бидат полициски службеник и бизнисмен истовремено и оти не може на ниту еден начин да се однесува поинаку од нормите по кои треба да се однесува еден полициски службеник. Посакувам ова да го исполнат сите, да имаат регуларни дипломи за завршено образование, соодветно ниво на интегритет и ако е така тоа да се потврди, ако не е така не може да се биде дел од безбедносните служби, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој присуствуваше на седница на Локалниот совет за превенција во Општина Карпош, заедно со градоначалникот на општината Стефан Богоев.
Истовремено, информира министерот Спасовски, во МВР ќе се отстрануваат и недостатоците согласно препораките од ГРЕКО, односно ќе се создаваат правни механизми, работни групи кои ќе работат посебно за секоја од препораките од ГРЕКО и недостатоците треба да бидат отстранети до септември 2020 година.
Comments are closed for this post.