Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека најверојатно ќе се прошири истрагата по вчерашното приведување полициски службеници вклучени во фалсификување патни исправи за да се видат, како што вели, сите други аспекти поврзани со овој случај. Еден од уапсените, според Спасовски, имал контакт со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
-Според сознанијата и индициите, јас тоа го кажаувам заради тоа што навистина се на контакт и дел од документите што ги има во опозициската партија се од тука, рече Спасовски во гостување на Утрински брифинг.
Акцијата ја забрзале заради, како што рече, деконспирацијата, а не заради настапот на опозицијата.
-Лидер на опозицијата и опозициска партија кои постојано излегуваат и прават заштита на крупни криминалци во државата и одеднаш сега се појавува дека е партија која демек стимулура борба против криминал и корупција. Од една страна демек стимулира борба против криминал и корупција за вакви случаи, а од друга страна имавме прилика да видиме како влегуваат во заштита на крупни риби како што ги нарекуваат тие, дополни Спасовски.
Вистинско прашање во оваа ситуација, вели, е кој сакаше да направи саботажа во оваа акција и кој сакаше да направи таа да не успее.
Имаме, појасни, истрага која ја водиме повеќе од година, во која се вклучиле нашите стратешки партнери, Интерпол, со кои заеднички работевме на сите тие докажувања во таа постапка и во еден момент во јавност се излегува преку брифирање за одредени теми, јас не можам друго да заклуичам освен дека можеби се работи за саботажа.
Прашан дали е нормално две години да трае ваква операција, наведе дека во 2019 година првпат по согледувањата поставиле барање до Јавното обвинителство за гонење организиран криминал, по што откако оттаму им укажале дека не е во нивна надлежност, предметот е однесен во Основното јавно обвинителство Скопје и почнале сите дејствија за обезбедување на потребните докази.
-Има многу мерки кои се спроведени во рамки на истрагата за кои наредби се издадени од страна на обвинител. Која било кривична постапка ја води обвинителот според Законот за кривична постапка и оттаму се добиваат сите мерки. Ние можеме претходно да добиеме оперативни податоци, сознанија, итн, но доколку тие се прибават на начин што е пропишан во закон не може да се користат како докази, појасни Спасовски.
Без оглед на тоа за каква операција се работи, укажа, не секогаш е важно „во првиот момент кога ќе осознаете да прекинете, туку е важно да дојдете до што е можно поголем круг на луѓе кои го правеле тоа, односно да го видиме патот по кој се движи“.
-Заради тоа е и вклучувањето на нашите стратешки партнери и на Интерпол, да видиме каде тие се движат, зошто ги користат овие патни исправи. Тоа е опсежна меѓународна акција, додава министерот.
Внатре во институцијата, дополни, кругот е затворен. Сега ќе одат најверојатно со проширување на истрагата со цел да се согледаат сите други аспекти што се поврзани со овој случај.
-Идејата беше заедно со обвинителот да се реализира акцијата заеднички во другите земји, меѓутоа заради овој обид би рекол на саботажа ние го пресековме тој канал и за среќа е завршена успешно акцијата, додаде министерот за внатрешни работи.
Comments are closed for this post.