По последните случувања во соседна Србија каде беа убиени 17 деца и возрасни и ранети околу 20 лица, надлежните институции во земјава веќе преземаат мерки со цел превенција на вакви несакани настани. Откако во петокот беа отворени електронски адреси за пријавување врсничко насилство, вчера Министерството за образование и наука соопшти дека ќе и предложи на Владата итна проценка на состојбите и безбедносните ризици, што во голема мера се потхрануваат од одредени социјални мрежи, како ТикТок.
Според министерот Шаќири, имајќи предвид дека тие социјални мрежи не треба да се користат во училишна средина, МОН веќе изработува протоколи и насоки за стручните служби на училиштата и наставниците, како тие ризици би се минимизирале, а нивната употреба да се ограничи или целосно да се оневозможи.
Министерот ги повика сите наставници и родители на поотворен дијалог, надминување на шокот и неверувањето, промоцијата на разбирањето и позитивните согледувања, со цел да се помогне на своето дете, како и на децата околу нас, бидејќи тие се најзагрозената категорија во моментот.
Во консултација со експертската заедница од повеќе институции и факултети, пак, ќе се зајакнат дополнително превентивните програми за борба против булингот, промоција на ненасилството и дијалогот, како клучни елементи за образование и развој на нашите ученици.
На средба со министерот за образование и наука Јетон Шаќири,беа и претставници на Сојузот на средношколци кој е на став дека мора да се делува брзо и ефикасно за да се превенираат и избегнат негативните ефекти, а истовремено спроведените мерки да дадат конкретни и видливи резултати на терен.
На средбата на која учествуваа и универзитетски професори од областа на педагогијата, психологијата, социологијата, правото и безбедносните науки е прва фаза од консултациите за креирање мерки и надополнување на постоечките механизми за детекција и спречување на меѓуврсничкото насилство во училиштата.
Имено, Сојузот на средношколци има четири предлози, кои на средбата ги образложи нивниот претседател Лука Павиќевиќ. Првиот предлог е МОН да стапи во меѓуинституционална соработка со Министерството за внатрешни работи со цел засилено обезбедување на училиштата најдоцна до крајот на оваа учебна година.
Сојузот исто така предлага нов модел на работа на училишните психолози. Оттаму сметаат дека нивните канцеларии треба да бидат отворени за средношколците, а тие треба да го имаат правото да закажат тет-а-тет средба со својот училиштен психолог.
За ваква промена, според Сојузот, ќе бидат потребни обуки и доквалифакации за стручните служби и сметаат дека тие треба да се спроведат што поскоро, односно штом биде изготвен протоколот кој ќе го дефинира новиот модел. За да се избегне докажаната неуспешност на обуките, Сојузот предложи и спроведување на тестирања кои ќе ги мерат знаењата стекнати од овие обуки.
Според нив, покрај е-адресите треба да се размисли и за отворање на бесплатна телефонска линија и профили на социјалните медиуми, со цел пријавувањето на врсничкото насилство да биде поблиску до целната група – средношколците и учениците воопшто.
На 16. Конгрес на Либерално-демократската младина, пак, претседателката на ЛДП и пратеничка Моника Зајкова нагласи дека време е да се реагира и дејствува со конкретни превентивни мерки и акции, наместо да коментираме на социјалните мрежи.
Според Зајкова, оваа спирала на насилство извршена од млади лица мора да го вклучи црвениот аларм и кај нас и потребно е преземање на итни и ефикасни превентивни мерки за да се спречи врсничкото насилство, грозоморните слики од убиени и повредени.
ЛДП има низа предлози кои ќе ги достави и до Владата, а иницијативите се однесуваат на најостра контрола на издавањето и поседувањето на огнено оружје, проверка кој се поседува оружје, контрола и забрана малолетни лица да вежбаат во стрелишта и казни за родителите кои ги мотивираат децата да ракуваат со вакви убиствени направи.
Оттаму сметаат дека Министерство за правда треба да ја разгледа состојбата и предложи заострување на казнената политика со намалување на возраста за кривична одговорност согласно европското законодавство и практики, како и поголема контрола во училиштата и ангажирање на психолози и педагози за превенирање на булингот во образовниот процес.
Зајкова нагласи оти особено е потребна забрана на „Тик-ток“ како и останатите социјални мрежи кои поттикнуваат насилство бидејќи и во нашата земја сведочевме на жртви од користењето на овие мрежи. Понатаму, забрана и контрола на симнување на игри, содржини и апликации кои експлицитно покажуваат и поттикнуваат насилство, а исто така и преглед и контрола на филмови кои можат особено кај помладите луѓе да поттикнат насилство, манипулативно да бидат употребени во пропагандистички цели со величење на насилството. Според Зајкова, ова нема да значи цензура на уметноста.
Е-адресите „prijavinasilstvo@mon.gov.mk“ и „paraqitdhune@mon.gov.mk“ се достапни од петокот на иницијатива на МОН, а нивната цел е да се превенираат несакани настани како оние што ја потресоа соседна Србија во изминатите два дена.
По секоја пријава на овие е-адреси веднаш ќе се постапува.
Министерот завчера најави дека ќе се направат и законски измени во системот за образование доколку за тоа се увиди потреба.
Во Србија во основно училиште во Белград малолетник со пиштол уби осум ученици и припадник на училишното обезбедување и рани седум ученици, а во селото Дубона кај Младеновац, 21-годишно момче уби осум лица и рани 14 луѓе.
Во скопски Чаир завчера малолетник извадил пластичен пиштол (играчка) и го вперил кон соучениците. Полициски службеници во присуство на родители, педагог, психолог и директорката на училиштето извршиле службен разговор со малолетникот. Полицијата вчера приведе и 16-годишен малолетник – ученик, постапувајќи по пријава од директорот на училиштето поради објава на социјална мрежа чија содржина е со закани по живот кон професори.
Comments are closed for this post.