Собраниското координативно тело за помирување и интеграција претпладнево зад затворена врата го почна состанокот на кој треба да се изнесат размислување во врска со содржината на законот за помирување за настаните во Собранието од 27 април минатата година.
Координативното тело го предводат потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска Ременски и Емилија Александрова од независната пратеничка група, а брои 25 членови меѓу кои потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи со исклучок на ВМРО-ДПМНЕ, и претставници на независните пратеници и партиите кои немаат пратенички групи.
Состанокот е затворен за јавноста, а на него не присуствуваат дел од членовите кои се отсутни поради службени обврски.
Претходно во јавноста излегоа информации дека веќе е подготвен нацрт закон за амнестија, но официјална потврда за тоа се уште нема. Дали законот за помирување ќе има поддршка од пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе зависи од тоа што ќе биде понудено, посочија пратеници од оваа пратеничка група без оглед на тоа што тие не учествуваат во работата на ова тело.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ предложи, но владејачкото мнозинство не прифати закон за целосна амнестија за насилствата од 27 април. Од СДСМ повторија дека не смее и неможе да има амнестија за оние кои планирале, нарачале и извршиле насилство на 27 април.
ВМРО-ДПМНЕ има став дека нема да учествува во тоа колективно тело. Спред партијата тие не можат да учествуваат бидејќи таму не се ниту БЕСА, ниту Алијанса, ниту ВМРО-ДПМНЕ.
Comments are closed for this post.