Вакцината на „Астра Зенека“ во земјава нема да се дава на лица помлади од 60 години. Одлуката ја донесоа нашите здравствени власти откако го разгледаа ставот на Одборот на Европската агенција за лекови (ЕМА) за безбедноста на вакцината на „Астра Зенека“. Досега околу 15.500 повозрасни граѓани во земјава се вакцинирани со „Астра Зенека“ и засега нема пријавена ниту една несакана реакција од вакцинацијата, освен пријавениот случај на 28-годишна девојка по вакцинација со оваа вакцина во Србија.
Според најавите од здравствените власти, наредната недела во земјава треба да пристигнат околу 1.500 пакувања од новата терапија што веќе се применува во САД во третман на пациенти болени од Ковид-19. Во ковид-центрите во болниците според вчерашните податоци на Министерството за здравство се лекуваат вкупно 1 717 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот. Сегашната состојба и големиот број на смртни случаи, според надлежните, се одраз на тоа што се случувало во претходните две недели, а очекуваат бројката да се намали како резултат на дополнителните рестриктивни мерки за околу две недели.
-Близу 15.500 граѓани досега се вакцинирани со „Астра Зенека“ во земјава. Во текот на денот се вакцинирани околу 1.000 и освен таа реакција кај девојката нема друга. Нема никаква несакана реакција официјално пријавена во МАЛМЕД која бара внимание или значење. Несакана реакција во смисла на локална реакција која се очекува после вакцината, мало црвенило, болка… не е нешто што би требало да се пријави како ефект или нешто што би било од клиничко значење, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче.
Македонските државјани кои добија една доза вакцина на „Астра Зенека“, односно се вакцинираа во Србија, нема никакви препораки за каква било претпазливост, освен ако имаат некакви симптоми да се јават на контрола и преглед на лекар.
– Во однос на ревакцината со оглед на тоа што треба да дојде за период од три месеци засега нема некаков став, а ќе ги следиме и насоките од ЕМА и од други национални агенции и во текот на следниот период ќе заземеме став и во однос на ова прашање, изјави Филипче.
Во текот на овој месец во земјава се очекува да стигнат околу 300 илјади вакцини од различни производители и процесот на масовна вакцинација да тече непречено.
Владата размислува за формирање два посебни штаба, едниот во кој ќе учествуваат и министрите за надворешни работи, за европски прашања и за одбрана, како и министерот за здравство за поефикасно транспортирање, прифаќање и диструбуција низ земјата за вакцините кои се нарачани. Во вториот, пак, како што рече премиерот Зоран Заев, ќе бидат вклучени МВР, ЦУК, ДЗС за подобра организација на процесот на вакцинација.
Во рамки на масовното вакцинирање во А1 Арена-сала „Борис Трајковски“ вчера почна вакцинацијата на наставниот кадар во основното образование од прво до трето одделение.Вакцинацијата ќе продолжи и во наредниот период. Станува збор за етапно вакцинирање при што од страна на здравствените работници се повикуваат наставниците со однапред закажан термин и час. Министерството за образование и наука апелира наставниците да се пријавуваат за вакцинација со цел побрзо сузбивање на коронавирусот.
Наскоро се очекува да бидат вакцинирани и медицинските сестри од стоматолошки ординации бидејќи и тие како здравствени работници се на приоритетна листа. Тоа што досега не биле вакцинирани, појасни Филипче, можеби се должи на некои технички пропусти.
Во однос на вакцинацијата, ресорниот министер најави дека имаат во план да пристапат и кон лицата од посебни категории, односно лицата кои се без здравствено осигурување, бездомни лица или лица без државјанство. Во изминатиот период, тврди министерот, обезбедено е болничко лекување и за лицата кои немаат здравствено осигурување, без плаќање партиципација. Потребно е да се вакцинираат што поголем број граѓани и дефинитивно сите ќе бидат опфатени во процесот на вакцинација без разлика на статусот.
Во текот на следната недела се очекува во земјава да пристигнат околу 1.500 пакувања од новата терапија што веќе се применува во САД во третман на пациенти болени од Ковид-19. Се работи за терапија која влијае на намалувањето на репликацијата на вирусот.
– Тоа е терапија на едно спефицично антитело што го набавуваме преку заедничкиот систем на набавка на Европската Унија. Веројатно во текот на следната недела треба да пристигне. Има специфична индикација кога се дава – на почеток на болеста, во раната фаза, и.т.н., изјави Филипче. Каде ќе биде распоредена новата терапија, ќе одлучува мини кризниот штаб во кој членуваат директорите на клиниките.
Амбасадорот на Руската Федерација Сергеј Баздникин вчера во Штип изјави дека не го знае датумот кога ќе пристигнат останатите вакцини „Спутник В“, но е убеден дека вакцинацијата на македонските граѓани ќе оди непречено и Договорот потпишан од страна на Рускиот фонд за директни инвестиции и Министерството за здравство ќе биде испочитуван.
Според проф.др. Дејан Докиќ директор на Клиниката за пулмологија и координатор на ковид центрите на Клиничкиот центар, вирулентноста на британскиот сој на коронавирусот кој доминира во земјава заедно со индивидуалната способност на имуниот систем, потоа факторот на возраста и коморбидитетните состојби, се причина за високата смртност.
-Смртноста кај нас во ковид-центрите на интерните клиники е 25 проценти. Во европски рамки е од 22 до 30, значи ние се наоѓаме некаде на средина од оние бројки коишто се во другите европски земји. Од тие што починале повеќе биле мажи. Старосната група на оние што починале најголем број се меѓу 70 и 80 години, па потоа меѓу 60 и 70, значи не е изненадувачки. Во однос на коморбидни состојби кај тие што починале во најголем процент била застапена хипертензијата или покачениот крвен притисок, па потоа следат кардиоваскуларните заболувања, па дијабетесот, обезноста, респираторните болести, бубрежни болести итн. Тоа се оние статистики коишто ние ги имаме и варијаблата која што е предиктор на смртта е сатурацијата на крвта со кислород на прием. Колку е пониска толку е поголема шансата да умре пациентот. Сите овие состојби заедно со вирулентноста на вирусот придонесуваат да имаме една ваква смртност, рече Докиќ во телевизиско гостување.
Карактеристично за овој мутиран вид на вирусот е што ги напаѓа помладите, а компликаците и влошувања се јавуваат подоцна. Причина за смртноста кај нив се можни проблеми, дефекти на имунолошкиот систем кој не може да се избори со вирусот.
-Оние што пред две недели биле релативно добри, после две недели настанува влошување со можна смрт. Овие бројки сега се одраз на она што се случувало пред две недели. Сега со намалување на бројката, мерките дополнително тоа ќе го подобрат, тие бројки верувам дека за две недели ќе опаднат, рече Докиќ.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 138.891, на оздравени пациенти е 112.619, на починати е 4.108, а бројот на активни случаи изнесува 22.164. Во стаистиката што ја објави вчера МЗ за претходните 24 часа од направени 3.927 тестирања, се регистрирани 1.163 нови случаи на КОВИД-19, починаа 35 лица, а 854 пациенти оздравеле.
Во главниот град активни се 10.830 случаи, во Битола 1.246, во Куманово 1.202, во Прилеп 1.063… Надлежните апелираат граѓаните и понатаму да се придржуваат до превентивните мерки.
Заеднички апел за почитување на мерките и спречување на ширење на вирусот вчера испратија Владата и МПЦ, ИВЗ и Католичката црква.
– Заеднички е оценето дека од почитувањето на мерките, ќе зависи и како граѓаните ќе ги поминат претстојните празници: Велигден и Рамазан Бајрам, а јасно е дека постои желба кај сите за одбележување на големите верски празници во мир и спокој и заедно со најблиските во семејството, информираа од владината прес-служба по средбата на премиерот со лидерите на верските заедници.
Comments are closed for this post.