Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, до надлежното скопско Основно јавно обвинителство, вчера поднесе кривична пријава против С. П. (51) од Скопје, осомничен за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“, со што го оштетил Буџетот на Службата за општи и заеднички работи во Владата на РМ за вкупен износ од 2.079.471 денари.
Како што соопшти МВР, С.П. во својство на службено лице вработен во Службата за општи и заеднички работи во Влада на Република Македонија, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување како самостоен референт-организатор за услуги со фиксната и мобилната телефонија, во временскиот период мај 2012 до август 2017 година, на непознати лица дал на користење девет СИМ картички, сопственост на Службата за општи и заеднички работи во Влада на РМ, без притоа да подготви и потпише реверси за задолжување со податоци и потписи на лицата, како и своерачно потпишани изјави од истите со кои се согласуваат во случај на пречекорување на ограничувањето на сметките за користење на телефонските броеви, разликата од утврденото ограничување и висината на сметката да им биде задржана од месечната плата.
Кога фактурите од Македонски телеком пристигнале за наплата на побарувањата по основ на остварените мобилни услуги за 9-те телефонски броеви, пријавениот како овластено лице задолжен да врши контрола и проверка на сметките на корисниците на службени мобилни телефони, иако знаел дека телефонските броеви ги користат лица на кои што не им следуваат телефонски броеви и нема изработени и потпишани реверси, своерачно се потпишал и ставил печат дека е извршена контрола и дека нема забелешки, стои во соопштението.
Comments are closed for this post.