Претседателскиот кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјаноска – Давкова смета дека веројатно, разговорот за почетокот на преговорите за членство во ЕУ ќе биде одложен за наесен.

На премиерот му требаше ветување за почеток на преговори во функција на изборите, а не во функција на градење независно судство во Република Македонија. Тоа е македонската реалност, но и сериозната порака да се зафатиме со реформи, рече Силјаноска-Давкова која денеска беше на средба со граѓаните во Прилеп и Битола.

Таа вели дека сите, вклучувајќи се и сама себе тука очекувале од Берлин добар глас.

„Но се чини најдобриот глас требаше да дојде или сакаше да го донесе премиерот Заев, или можеби себеси се замислуваше како некогаш Кенеди во Берлин рече дека се чуствува како граѓанин на Берлин. Но што заборави, заборави дека она што му беше соопштено во Берлин не е случајно туку дека беше веќе донесена одлука ние во Македонија одамна знаеме, чуствуваме дека еден од најголемите проблеми е отсуството на независно судство или недостатокот на реформи во судството“, порача кандидатката за претседател, Гордана Сиљановска Давкова.

Според неа, одлуката на Заев да не биде повеќе претседател на Телото за судски реформи е задоцнета. Независното судство, порача, е клучно за демократска држава и битно за реформите за членство во ЕУ. Преспанскиот договор не е доволен за влез во Унијата.

„Независното судство е клучен услов за демократска држава, но и еден од важните сегменти во рамки на очекуваните реформи. Членките, особено основачите на ЕУ, имаат лошо искуство со земји кои пред нас станале членки, но со сериозни проблеми во судството. Секако, секогаш не треба да учиме на сопствените грешки, туку треба да го помнеме искуството на Романија, на Бугарија. Премиерот и луѓето околу него беа уверени дека склучувањето на Преспанскиот договор е доволно да се употреби и да се злоупотреби како алиби во барањето почеток за преговори. Јас сум уверена дека тоа не е доволно, затоа јас, односно ние, се повикуваме на владеењето на правото и на правдата, оти без тој услов нема ниту почеток на преговори, ниту европеизација“, истакна Силјановска-Давкова