Тим за санкции од САД ќе врши увид во поранешните и сегашните корумпирани функционери, по што ќе следува и соодветен одговор, соопшти американската амбасадорка Анџела Агелер на Твитер.

Тимот за санкции од Вашингтон е тука заради поагресивен поглед на минатите и сегашните корумпирани актери и да ги разгледа сите можни одговори. На правосудниот сектор во Македонија му требаат повеќе истраги и обвиненија за да се покаже дека никој не е над законот, порача Агелер на Твитер.

Откако Македонија ги реши егзистенцијалните прашања, ќе се посвети на сузбивање на корупцијата, како што рече министерот за надворешни работи Бујар Османи.

 

Шефот на дипломатијата на брифинг со новинарите посочи дека државата ги решила своите егзистенцијални прашања, внатрешно се консолидирала по однос на функционалната демократија и меѓуетнички односи, си ги средила односите во соседите, се етаблирала меѓународно.

Сега останува корупцијата, изјави Османи како вовед во она што очигледно следува.

Американската амбасадорка Анџела Агелер неколкупати по стапувањето на должност предупреди дека корупцијата е еден од најголемите проблеми за развој на земјата.

 

Во последните неколку дена истото го нагласи и заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Балкан, Габриел Ескобар, кој најави дека се предвидуваат санкции за корумпирани официјални лица од Балканот кои ќе бидат тргнати од одговорните позиции.

 

И германската амбасадорка во земјата Анке Холштајн нагласи дека на ова поле треба многу работи да се направат.

Ние и понатаму сме подготвени да ја поддржиме Македонија во сузбивањето на корупцијата и сите сме сложни дека тоа е особено тешка задача која што претстои. И тоа не се однесува само на политичарите, туку на сите луѓе. Сите мора да сфатат дека кога ќе отидат на лекар не треба да стават некоја банкнота во мантилот на докторот, или наставничката треба да знае дека не треба да добие подарок за 8 Март, за ученикот да има подобра оценка, вели Холштајн.