„Другари и другарки, ние, Бугарите сме криви пред вас. Ние Бугарите дозволивме на фашистите да се здружат со Германците и да не потиснат од природниот сојуз со нашите братја Славјани…“
Најголемиот дел не го познаваат, а можеби и никогаш не чуле за него. Добри Трпешев е бугарскиот министер и генерал на отечественофронтовска Бугарија кој на 28 декември 1944 година во Скопје на Второто заседание на АСНОМ, го одржал својот експлозивен говор пред македонското и југословенското политичко раководство, како претставник на бугарската Влада и Бугарската работничка партија, во духот на заедничката борба против фашизмот, говор кој предизвикал лавина реакции – воодушевувачки во југословенската и делумно во бугарската јавност, но не и во англо-американската јавност и дипломатија.
Од документите од Второто заедание на АСНОМ, каде што интегрално се објавени поздравните говори, ставам акцент на неколку цитати од бугарскиот претставник, кои во денешен контекст се актуелни по однос на употребата на вокабуларот – осудата на бугарскиот фашизам за време на војната:
„…Ете, во таја борба ние, Бугарите, ама веќе отечественофронтовски Бугари, не старите, сакавме да влеземе. Старите неотечественофронтофски Бугари кои беја три години джандари на Хитлера на Балканот ни нанесоа срам и ние сега и секога кога се јавуеме пред вас секјаваме некое стеснение и покрај това што сме рамо до рамо против секакво надирање на фашизамот и за слободата и братството меѓу сите балкански народи. Ама и покрај това ја секјавам кривицата на бугарскиот народ што тој позволи на својот внатрешен непријател да се сојузи со германскиот фашизам и да му служи како слуга на Балканот. Ете, това е нашето стеснение и ете за това ние сакаме да ги избришиме сите тие дејствиа на нашите фашисти за да започне едно вистинско политичко единство и за да се оствари братството меѓу тие народи. Затова ние посакавме от Маршал Тито да ни позволи да се бориме рамо до рамо со вас против општиот непријател…“
Токму поради ваквиот негов енергичен настап, името на Добри Трпешев денес е оцрнето и осудено од бугарската историја и јавност, вбројувајќи го во низата предавници и родоотстапници. Трпешев без влакна на јазикот говори за „ослободувањето“ на Македонија од „бугарската фашистичка“ власт, јасно и недвосмислено акцентирајќи ги зборовите кои денес се предмет на расправа, бескрупулозно иницирана и злоупотребувана во политички контекст, наспроти историската реалност, потврдена токму од бугарска страна:
Бугарските фашисти наново използуваја особеното положение на Балканот во првиот етап на световната војна и наново го забија ножот на југословенските народи… Ние не би можеле да успееме во нашите борби напоследок ако не ни помогневте вие. Ето таков е фактот. Ние даваме заповед да почнат да дејствуват нашите одреди по вашата граница. Ние го молевме генерал Апостолски да отпочне борби, за да ги привлечат фашиските сили. Ние го молевме другарот Тито да дејствува против бугарските фашиски окупатори за да им ги привлече главните сили и да не олесни во борбата… “
Делот од говорот којшто предизвикал лавина реакции, позитивни во салата но негативни во дипломатските кругови е даденото решение од страна на Трпешев за припојување на Пиринска Македонија кон Народна Република Македонија во рамките на југословенската федерација:
„…Разликата меѓу старата Бугариа и отечественофронтофската Бугариа е уште и во това што отечественофронтофската Бугариа смета, дека треба да се врати оној дел от Македониа, кој денеска се навоѓа во границите на Бугарија, и да се приопшти кон Македониа во Југославиа…“
Громогласните аплаузи и одобрувања на ваквиот став на бугарскиот министер и генерал не наишле на одобрување кај англо-американските претставници – мајорите Милер и Дикенсон, кои побрзале да ги известат своите Влади за идното бугарско-македонско најавено пријателството под покровителство на Југославија,стои во текстот објавен од новинарот Диме Ратајковски.
Comments are closed for this post.