Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната седница донесе одлука да поведе прекршочна постапка против шест градоначалници кои не поднесле Анкетен лист за имотната состојба и изјава за интереси.

Арбен Таравари

Станува збор за: Миликије Халими, градоначалничка на Арачиново, Исен Шабани, градоначалник на општина Врапчиште, Арбен Таравари, на Гостивар, Константин Георгиевски, в.д. градоначалник на Охрид, Исен Асани, градоначалник на Теарце и Стефче Трпковски, градоначалник на Сопиште.

Константин Георгиевски

Прекршочни постапки се поведуваат и за 7 градоначалници кои во законски предвидениот рок по изборот на функцијата немаат поднесено само изјава за интереси, а имаат анкетен лист: Аљбон Џемаили (Боговиње), Зоран Зимбаков (Босилово), Марјан Јанев (Василево), Горан Трајковски (Делчево), Боро Стојчев (Ново Село), Азик Адики (Студеничани) и за Горан Стојановски (Чашка).

За Боро Стојчев, познат во јавноста под прекарот „Боро марлборо“, заради шверц со цигари не е веќе градоначалник, сепак законски е одговорен затоа што во законскиот рок не ја поднел изјавата за интереси.

Глобата за неподнесување анкетен лист е од 200 до 400 евра.

Претходно, како што објави Пресинг ТВ, Антикорупциска комисија ќе врши проверка на имотот на претседателот Ѓорге Иванов. Комисијата ќе ја почне постапката по допрен глас.

 

Нема случај на непотизам за пратеничката Емилија Александрова

На денешната седница ДКСК по истражување на случајот со наводното вработување на ќерката на пратеничката Емилија Александрова, Сара Александрова во Фондот за иновации, констатирал дека таа таму никогаш не била вработена. Единствено нешто што ја поврзува со Фондот е нејзина апликација за волонтерска работа, но се завршило само со апликацијата.

ДКСК денес донесе заклучок да провери наводи за партиски вработувања во агенцијата за навигација- М-НАВ.