Се наоѓам во мојот дом, не претерувам кога го кажувам тоа, бидејќи јазикот е нашиот дом. Лицата кои говорат ист јазик не познаваат граници. Нашите предци преку турскиот јазик дошле овде и се запознале со овие предели, од кои црпеле инспирација – порача претседателот на Големото национално собрание на Турција, Мустафа Шентоп на официјалната прослава по повод 21 Декември – Денот на турската настава во Скопје.
Изразувајќи задоволство што се навраќа во својот дом, Шентоп пренесе срдечни поздрави од турскиот претседател Реџеп Тајип Ердроган и порача дека треба да се зачува јазикот, бидејќи така ќе ја зачуваме нашата иднина.
Јазикот е нашот дом и не е добро да останеме без нашиот дом. Со Македонија имаме одлични односи и е држава што има особено значење за нас на Балканот. Нашата културна блискост има исклучително место помеѓу овие безброј прилики за проширување на односите, како што е и ова честување…. Треба да го зачуваме нашиот јазик, бидејќи така ќе ја чуваме нашата историја и нашата иднина. Оној што ќе го заборави својот јазик, ќе се заборава себе си и ќе го загуби засекогаш својот дом – изјави Шентоп.
Тој нагласи дека Македонија, со своето мултикултурно и мултиетничко богатство претставува пример за регионот и целиот свет, за живеење во мир и добрососедство.
Можеме да кажеме дека оваа земја е гаранција на Балканот и регионот. Ние овде со векови сме живееле братски и заеднички, со сите. Уште еднаш, порачувам ова да биде вечно пријателство меѓу Македонија и Турција – изјави Шентоп.
Претседателот на големото турско национално собрание, во својот говор потсети на големиот број значајни личности за турската историја и култура кои потекнувата од овие простори и ги градат мостовите меѓу Скопје и Истанбул.
Низа настани во Скопје
Во рамки на обележувањето Денот на турската настава, во Скопје, ќе се организираат низа настани, а првиот е церемонијата организирана од страна на Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ) на која ќе им бидат врачени наградите на оние кои дале придонес за делото составено од приказни, есеи и поезии, произлезени од „Онлајн работилница на писателство 2019-2020“ организирана од страна на Сојузот на писатели на Евроазија и Сојузот на писатели на Балканот, со поддршка на ТИКА.
Воедно ќе им бидат доделени награди и на учениците и студентите добитници на натпреварот по поезија, проза и цртање со наслов „Туркофонскиот свет соединет со турскиот јазик“ организиран од страна на МАТУСИТЕБ и Институтот Јунус Емре. Потоа ќе следи панел дискусијата со наслов „Ретроспективна евалуација на историскиот контекст на турското образование во Македонија: минатото, денешницата и иднината“ на која свои излагања ќе имаат значајни експерти.
Попладне во Куршумли Ан ќе биде отворена изложбата „Турското стреличарство низ историјата“, а потоа ќе следи панел дискусија организирана во Меѓународниот Балкански Универзитет со наслов „Духовното наследство во Румелија“.
На 21 декември 1944 година во рамки на поранешна Федеративна Република Југославија одново е дозволено образование на турски јазик и овој датум е прифатен како национален празник на Турците во Македонија и Ден на турска настава.
Comments are closed for this post.