Со изведување материјални докази во Кривичниот суд во Скопје продолжува судењето за случајот „Траекторија“ на Специјалното јавно обвинителство за постапката за избор на компанија за изградбата на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.
Се гледаат понуди за двата автопата и пресметки од кинески компании, како и дописи меѓу Министерството за финансии и кинеската Експорт-Импорт банка и амбасадата на Кина пред потпишување на договорите, но и договори за кредитите и за изведување на градежните работи на делниците.
Случајот го води судијата Горан Бошевски, а застапник на обвинението е Лиле Стефановска.
Обвинителката Стефановска при изведување на доказите посочи дека тие покажуваат како нашата влада во мај 2012 година била во контакт и со трета кинеска компанија.
Случајот „Траекторија“ се наоѓа во доказна постапка и во него обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски на кого му се суди во отсуство, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и екс директорот на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на Буџетот од најмалку 155 милиони евра.
Comments are closed for this post.