Ги охрабруваме владите на Македонија и Бугарија да продолжат со нивниот билатерален дијалог за решавање на разликите, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик портпарол на Стејт департментот, на прашањето дали САД добиле некакви гаранции од бугарските партнери дека нема да има ново вето за македонските евроинтеграции откако би се усвоиле уставните измени.
– САД силно ја поддржуваат целосната интеграција на Македонија во Европската Унија. Европска Унија што го вклучува целиот Западен Балкан, вклучително и Македонија, ќе биде посилна и попросперитетна. Ги охрабруваме владите на Македонија и Бугарија да продолжат со нивниот билатерален дијалог за решавање на разликите, исполнување на претходните договори и поддршка на брзиот пристап на Македонија, се вели во изјавата од Стејт департментот.
Специјалниот претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар, на дебата за регионот во Конгресот минатиот месец, рече дека САД се ангажирани со новата бугарска влада да се осигураат дека нема да има нови барања откако државата ќе ги исполни обврските од постоечките договори.
– За да ги продолжи своите аспирации за ЕУ, Владата на Македонија се обврза да донесе уставни измени за признавање на бугарското малцинство. Силно го поддржуваме овој тежок, но неопходен чекор, рече Ескобар пред Конгресот неодамна.
Седницата за првата фаза на уставните измени, односно за гласањето за потребата од промени на Уставот, е закажана за 18 август.
Comments are closed for this post.