Постапувајќи во предметот против четири лица за набавка на софтвер и работи за потребите на софтверот, од прибраниот доказен материјал произлезе дека тројца од веќе осомничените лица сториле уште две кривични дела за што надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе нова Наредба за спроведување истражна постапка против три лица.

Првоосомничениот се товари дека во периодот од 2017-2019 година при спроведување на постапка за јавна набавка потпомогнат од останатите двајца осомничени ја злоупотребил службената положба и овластување. Исто така, првоосомничениот со умисла помогнат од второосомничениот во периодот од 2019 – 2021 година за себе прибавил противправна имотна корист во поголем износ со што двајцата сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.2 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик.

Имено, во периодот од 2017-2019 година, првоосомничениот, како службено лице при спроведување на постапка за јавна набавка искористувајќи исти прилики, со умисла извршил две временски поврзани дејствија со помош на останатите двајца осомничени. Со преземените дејствија спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, за економски оператор прибавиле корист – право да учествува во постапка за јавна набавка и да склучи договор за истата на износ од 6.455.816,00 денари со вклучен 18% ДДВ. Воедно, без да се испочитуваат одредбите од Законот за јавни набавки, во втората половина на 2017 година, без спроведена постапка за јавна набавка, првоосомничениот извршил плаќање по разни основи на правно лице сопственост на третоосомничениот во вкупен износ од 168.100,00 денари или 2.720 евра. Со дејствијата е нанесена штета на Буџетот на Македонија во вкупен износ од 6.623.916,00 денари.

Во временскиот период од месец мај 2019 година до месец февруари 2021 година, првоосомничениот го искористил службеното овластување и со умисла помогнат од второосомничениот склучиле два авторски договори за кои на месечно ниво на второосомничениот му бил исплаќан нето износ од 80.000,00 денари. Согласно претходен договор меѓу двајцата осомничени, паричните средства биле делени во сооднос 5:3 во корист на второосомничениот, со што првоосомничениот за себе прибавил противправна имотна корист во поголем износ од вкупно 590.000,00 денари.

Заедно со Наредбата, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд – Скопје, достави и Предлог за продолжување на претходно определените мерки спрема осомничените.​

Судија на претходна постапа во Основниот кривичен суд -Скопје по четиричасовниот распит му одреди куќен притвор на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.

Рашковски е првоосомничен во аферата со набавката на сообраќаен софтвер. Второосомничениот во случајот, сопственикот на фирмата „Инвока“ Даниел Станчевски исто така доби 30 дневен притвор.