На претседателката на Антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, одземен ѝ e пасошот откако Кривичниот суд го прифати предлогот за определување на мерки за претпазливост како осомничена во дополнетата истрага за предметот Адитив.

 

Таа се сомничи дека преку апликациите за пораки Viber и WhatsApp му оддавала службени тајни на друг обвинет за поведени постапки, за отворање предмети и одлуки против сега обвинетите фирми и лица во предметот Адитив, како и податоци за проверка на имот и неговото семејство.

Судот определи и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело, што подразбира дека осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, воедно не може да гласа и да распределува предмети.