Воведување усмено и писмено полагање на правосудниот испит пред стручна комисија, врз основа на мерливи и објективни критериуми за процена на знаењето на кандидатите, предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за правосудниот испит, што е ставен на Електронски Регистар на Прописи на Република Македонија (ЕНЕР).
Со ова, Министерството за правда ги почна измените и дополнувањата на Законот за правосудниот испит, со цел негово усогласување со Стратегијата за реформа на правосудниот сектор во однос на укинување на електронското полагање на стручните испити.
Во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор се истакнува дека стручните испити, како што се правосудниот, нотарскиот, извршителскиот, медијаторскиот …, се полагаат по електронски пат, што не дозволува соодветно оценување на квалитетот на лицата што полагаат.
Општ заклучок на целокупната стручна јавност е дека испитот за влез во правничка професија, особено во областа на правосудниот сектор е недозволиво и сосема нецелисходно да се спроведува без кандидатот вербално да ги искаже своите знаења и да ги покаже своите говорнички вештини. Исто така, „студии на случај“ од ниту една правна област не може да се решаваат на компјутер, се наведува во Стратегијата.
Во законските акти со кои се утврдува начинот на полагање и спроведување на овие испити, како што е посочено во Стратегијата, потребно е да бидат предвидени мерливи и објективни критериуми за процена на знањето на кандидатите.
При донесување на измените на Законот за правосудниот испит со кој се предвиде електронското полагање на правосудниот испит, реагираше и стручната јавност, за која, не беше прифатливо правосудниот испит да се полага електронски, бидејќи, како што посочуваат, преку правосудниот испит мора да се испита елоквентноста, начинот на изразување и затоа и мора да има устен дел
Comments are closed for this post.