Повторното појавување на шуга го затвори основното училиште „Владо Тасевски“ во скопската населба Козле. Втор пат годинава во истото училиште се јавува опасност од оваа зараза. Учениците кои утрово дошле на настава, биле вратени дома, со образложение дека ќе се врши дезинфекција.

По пишувањата на социјалните мрежи, училиштето објави и официјално соопштение, во кое наведува дека ќе се направи вонредна дезинфекција поради изолиран случај на шуга и смируваат дека кај ниту еден друг ученик не се забележани симптоми на ова заболување.

Како што се вели во соопштението, станува збор за истото дете кое и пред осум месеци било константирано со истата болест.

И општина Карпош се јави со соопштение.

Инфективното заболување е присутно кај едно лице – ученик од второ одделение, а заради превентивни причини, сите ученици од утринава се ослободени од настава, информираат денеска од општина Карпош.

Оттаму велат дека нема простор за паника, бидеќи, како што посочуваат кај ниту еден друг ученик не се појавиле симптоми на ова заболување, а во изминатиот период, општината направила редовна дезинфекција на училиштето. Во текот на денешниот ден, додаваат од општина Карпош, ќе се направи уште една, вонредна дезинфекција.

Изолираниот случај на шуга, по втор пат се појавува кај истиот ученик, поради недоволна семејна грижа за личната хигиена, велат од општина Карпош.

Одделението за детска, социјална и здравствена заштита при општината и Центарот за јавно здравје веќе се во комуникација со матичниот лекар, специјалист – дерматолог кој констатирал SCABIES кај ученикот.

Од општина Карпош информираат дека редовната и непречена настава во училиштето ќе продолжи во понеделник.

Во март годинава, јавноста ја разбранува веста дека две дечиња се заразени со шуга. Подоцна општина Карпош информираше дека се работи за две дечиња кои доаѓаат од исто семејство и се братче и сестриче. Само едно од двете деца било заразено, поради ниско ниво на лична хигиена во семејството.