Компанијата „Пекабеско“ донираше повеќе од 3.000 шишиња вода и илјадници други производи од сопствено производство за потребите на професионалните пожарникари, кои и овој летен период се соочуваат со зголемен број интервенции на терен, во екстремно тешки услови и на високи температури.

Донацијата, која содржи 3.360 шишиња вода, 5.432 паштети и 1.016 парчиња нарезоци, е директен одговор на барањето доставено од Синдикалната организација на професионални пожарникари, кои побараа поддршка во вид на храна и пијалаци за време на нивните долготрајни и ризични интервенции.

– Во вакви моменти, кога пожарникарите се на терен борејќи се со огнените стихии и ризикуваат за да спасат животи и имоти, сметаме дека е наша должност да покажеме солидарност и благодарност. Оваа донација е мал гест на голема почит кон нивната пожртвуваност – изјави Слободан Кутревски, прв извршен директор на „Пекабеско“, македонска компанија со 45-годишна традиција.

Од Синдикатот на професионални пожарникари упатија јавна благодарност до менаџментот и вработените на „Пекабеско“.

– Во услови кога секоја капка вода и секој оброк значат многу за пожарникарите кои се на терен со часови, ваквата поддршка не само што е добредојдена, таа е и мотив повеќе. Благодарност до „Пекабеско“ што покажа дека стои зад оние кои се на првата линија во справување со катастрофи – изјави Филип Стојков, претседател на Синдикалната организација на професионални пожарникари.

Овие активности се само дел од постојана грижа за заедницата на „Пекабеско“ покажувајќи општествена свесност, но и колку високо ја цени поддршката која ја ужива на македонскиот и извозните пазари. Оваа македонска компанија перманентно ја зајакнува и својата општествено-одговорна компонента, гради партнерства, давајќи придонес и поддршка на многубројни културни, спортски, младински и хуманистички активности.