Претседателот на Собранието Талат Џафери за 13 часот закажа седница на која на дневен ред ќе биде одложувањето на пописот и измените на Изборниот законик.
Незивесно до самиот почеток ќе биде дали поддршка ќе дадат Алијанса и Алтернатива.Тие поддршката на измените за законот за попис ја условуваат со носење на закон за државјанства.
Официјално на дневен ред на 38. седница се Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Севрна Македонија, 2021 година по скратена постапка и Предлог на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка.
Очекувањата за одржување седница ги потврди и министерот за правда Бојан Маричиќ, претпладнево во интервју за ТВ 24. Објасни дека иако е 1 април, пописот денеска не е започнат, и законот не се крши.
Одложувањето на пописот за септември и измените на Изборниот законик се поднесени по средбата на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Против одложување на пописот се Алијанса на Албанците и Алтернатива, чиј став не се промени иако вчера во текот денот се одржуваше неколкучасовна координација во Собранието.
Скендер Реџепи, координатор на пратеничката група за МИА денеска изјави дека остануваат на ставот против одложување на пописот и оти сметаат дека тоа се прави од политички причини, а не од здравствени поради пандемијата.
На прашањето дали ќе поднесат амандмани, Реџепи рече најверојатно да, односно дека ќе ги употребат сите демократски средства за да спречат одложување на пописот.
Одложувањето на пописот би можело да се случи за три дена, односно по завршување на сите процедури во Собранието, доколку АА и Алтернатива поднесат амандмани на Законот за попис.
По утврдувањето на дневниот ред на 38. седница се утврдува потребата за носење на законите по скратена постапка, а потоа се проследуваат на матичните комисии и на Законодавно-правната комисија. Бидејќи измените на Законот за попис се со европско знаменце и по скратена постапка, матична е Комисијата за европски прашања, а за евентуални амандмани се расправа само два дена. Потоа законот се враќа на пленарна седница за да биде донесен. Тоа во овој случај би било во сабота.
Измените на Изборниот законик предвидуваат употреба на фингерпринт на локалните избори и нивно одложување за втората половина на октомври, поради одложувањето на пописот за септември.
Comments are closed for this post.