Денес почина Ѓоко Николовски – виолинист и концерт мајстор во Македонската опера и балет.
Виолинистот Ѓоко Николовски е роден на 14 август 1927 година во Битола. Ѓоко Николовски бил највозрасниот активен музички уметник во нашата земја, што претставува раритет од пошироки рамки.
Во Операта и Балетот на Македонскиот народен театар учествувал од нивното формирање, каде го поминал целиот работен век до своето пензионирање.
Работел како виолинист, а набрзо станува прв концерт-мајстор каде останал на тоа работно место повеќе од 30 години.
Имал чест и привилегија да соработува со плејада светски диригенти, како што се: Ловро Матачиќ, Игор Маркиевиќ, Карло Цеки, Бенвенути Корадо, Теодор Вавајанис, Фабијан Севицки, Сергиу Челибидаке, Зубин Мехта, Клаудио Абадо и многу други.
Соработката со врвни светски диригенти придонела Ѓоко Николовски да стекне врвно уметничко искуство и огромен репертоар од областа на операта и балетот. Во неговата уметничка дејност посебно место зазема интензивното негување на камерната музика и се истакнува како водач на квинтетот на МОБ и многу други состави.
Посмртните останки ќе бидат изложени во недела од 11 до 12 часот, во капелата на гробиштата Бутел.
Comments are closed for this post.