Во Кабинетот на претседателот „Вила Водно” денеска се одржа официјална церемонија на примопредавање на функцијата Претседател со највисоки воени и државни почести. По свечената церемонија, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, оствари билатерални средби со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, и со претседателот на Република Албанија, Илир Мета, соопшти претседателскиот Кабинет.
На средбата со претседателот на Република Бугарија Румен Радев, претседателот Пендаровски изразил цврста определба за натамошно зајакнување на добрососедските односи и продлабочување на политичкиот дијалог со Република Бугарија.
Двајцата претседатели истакнаа дека заеднички ќе се заложуваат во афирмирањето на мирот и стабилноста во регионот со цел негова забрзана интеграција во евроатлантските структури. На тој план, претседателот Пендаровски изрази очекување дека поддршката од Република Бугарија ќе продолжи и во иднина“, се вели во соопштението.
На средбата со албанскиот претседател Илир Мета, претседателот Пендаровски истакнал дека Република Северна Македонија ќе продолжи да ја гради меѓусебната доверба со Република Албанија и дека македонското членство во НАТО ќе биде од суштинско значење за безбедноста, мирот и просперитетот на целиот регион.
Претходно, во Собранието на Република Северна Македонија, а по повод инаугурирањето на функцијата претседателот Пендаровски оствари средба и со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ. Двајцата претседатели изразиле уверување дека билатералните односи меѓу двете земји и натаму ќе се зајакнуваат и дека заеднички ќе придонесат во интензивирање на севкупната соработкана сите полиња од заеднички интерес.
Тројцата претседатели на претседателот Стево Пендаровски му упатиле срдечни честитки за изборот и му посакале успешно извршување на функцијата.
Во Собранието на Република Северна Македонија, претседателот Пендаровски оствари средба и со министерот за надворешни работи на Република Грција, Јоргос Катругалос. На средбата, шефот на грчката дипломатија му упатил честитки на новоизбраниот Претседател и му посакал успех во вршењето на должноста. Двајцата соговорници изразиле подготвеност за натамошно унапредување на севкупните односи и политичката клима меѓу двете држави.
Пендаровски денеска во претседателскиот Кабинет имаше билатерални средби и со Срѓан Дармановиќ, министер за надворешни работи и европски интеграции на Црна Гора, со Фарук Кајмакчи, заменик МНР на Република Турција и со Пјотр Вавжик, државен потсекретар во МНР на Република Полска.
На средбите со странските државници, новоизбраниот претседател на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски се заблагодарил за упатените честитки и укажаната чест и изразил надеж дека Република Северна Македонија во периодот што следи ќе прерасне во вистинска модерна европска демократија и рамноправен партнер на земјите членки на НАТО и ЕУ.
Comments are closed for this post.