Ги менуваме ликот и функционалноста на општините, вели министерот за локална самоуправа и регионален развој, Златко Перински, во интервју за порталот Плусинфо.

Министре, во годината што е зад нас го презедовте Министерството за локална самоуправа и заокруживте речиси пола година мандат. Како ја оценувате досегашната работа?

– Можеби ќе звучам нескромно, но искрено, презадоволен сум од сработеното, со оглед на околностите со кои се соочив кога стапив на функцијата, особено кога станува збор за кадровата екипираност и стручноста на поголемиот дел од Министерството. Со јасна визија, искрена посветеност и поставени конкретни цели, развивме систем што ги искористи сите наши капацитети и ресурси, насочени кон надминување на недостатоците и започнување на реализација на поставените цели. Полека, но сигурно, успеавме да постигнеме значителен напредок.

Со Владата го исполнивме ветеното за финансиска поддршка на општините, односно го распишавме јавниот повик, успешно ги продолживме и зајакнавме партнерските односи и соработката со важни меѓународни партнери како Владата на Швајцарија, УНДП и други. Заедно започнавме и завршивме низа проекти кои, меѓудругото, имаат директно влијание на поттикнување на економскиот развој во сите општини и региони. Еден од значајните сегменти на нашата работа минатата година, кој продолжува и оваа година, се проектите финансирани преку ИПА програмата фокусирани на развојот на пограничните региони, што е важен аспект на регионалниот развој.

Особено сум горд што мојата иницијатива за измени и подобрување на Законот за локална самоуправа се преточи во реалност. На крајот на годината започнавме со процесот на отворање на законот преку широки јавни дебати во насока на негово подобрување за зголемена транспарентност и отчетност на општините, унапредување на учеството на граѓаните во управување со локалните политики, воведување комунални редарски служби и развој на недоволно развиени подрачја, сето тоа во интерес на општините, а пред сè на граѓаните.

Секако, пред нас има уште многу работа, но сигурен сум дека сме на вистинскиот пат. Продолжуваме со посветеност и решителност да ги реализираме поставените цели.

До која фаза се стасани општините со реализација на проектите за кои добија помош од централниот буџет? Имате ли увид и сознанија од терен?

– Секако, како министер, постојано сум во тек со целата процедура и процес на имплементација на овие проекти. Имам детални информации за сите фази на нивната реализација и со задоволство можам да кажам дека општините сериозно и посветено работат на спроведувањето на овие проекти. Ова е очекувано, со оглед на тоа дека општините веќе покажаа висок степен на максимална посветеност уште во фазата на аплицирање, што говори за нивната мотивација, желба, а пред сѐ потреба да ги реализираат овие важни проекти.

Во моментот, четири проекти веќе се започнати и активно се реализираат на терен, односно градежните работи се во тек. За 203 проекти, тендерската процедура е веќе во завршна фаза, што значи дека многу брзо ќе започне и нивната имплементација. Ова е потврда дека динамиката на работењето е навистина активна и дека се исполнуваат поставените рокови.

За 40 проекти, тендерирањето е завршено, потпишани се договори со изведувачите, за 39 проекти, тендерите ќе бидат распишани во наредните денови, а за два проекта јавната набавка треба да се повтори.

Сето ова укажува дека оваа година ќе бидеме сведоци на вистински градежен бум во општините. Граѓаните ќе добијат нови градинки, нови улици, подобрени канализациони системи, реконструирани мостови, нови спортски игралишта… Овие проекти не се само инфраструктурни инвестиции, туку и важни за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Од една страна, ќе се создадат подобри услови за секојдневен живот, а од друга страна, ќе се создадат поволни услови за развој на локалната економија и општеството во целина. Проектите ќе придонесат за одржлив развој на сите општини, создавајќи нови можности за раст и напредок.

Како министер за локална самоуправа, имате ли можеби ваша стратегија и механизам за следење на напредокот и решавање на потенцијалните проблеми при реализацијата на овие проекти?

– Од информациите со кои располагаме од терен, од сите инволвирани во имплементацијата на проектите, можам да кажам дека општините максимално се насочени и активно работат на сите фази на реализација. Ова е охрабрувачки и позитивен показател за сите нас и доказ дека определбата на Владата да им помогне финансиски на општините е повеќе од оправдана со што значително ќе придонесеме за развој на локалните заедници и за подобрување на квалитетот на секојдневието на граѓаните во сите општини.

Во овој контекст, како министер, посветен сум и сакам да имам личен увид во состојбите на терен и затоа наскоро ќе започнам со теренска посета на секоја општина и увид на реализација на секој проект одделно. Целта на овие посети е да се уверам лично во напредокот на реализацијата на проектите, како и да поразговараме и за евентуалните непредвидени проблеми што може да се појават во текот на имплементацијата, со цел навремено да се изнајдат решенија и да се избегнат било какви застои.

Истовремено, од овие посети очекувам да добиеме предлози и сугестии од општините за планираната втора објава на повикот за финансиска поддршка на инфраструктурни проекти, да добиеме навремени информации за подготовеноста на општините за следните апликации, како и за евентуалната потреба од помош при подготовката на техничката документација. Целта е да им обезбедиме на општините максимална поддршка и да ги поттикнеме да бидат што поподготвени за новите предизвици и можности овозможени со планираниот втор јавен повик.