Претседателот на Собранието, Талат Џафери за четврток ја закажа седницата на која треба да се гласа доверба на Владата, откако ваква иницијатива со потписи од 61 пратеник поднесоа ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, АА и Алтератива, Беса и Левица. Потоа, според партиски информации, Џафери го повикал премиерот Зоран Заев на средба во Собранието, а таму беше и лидерот на ДУИ Али Ахмети. Според досегашните информации, сепак, неизвесно е колкумина пратеници ќе гласаат за недоверба на Владата на Заев во четврток.
Од СДСМ за МИА синоќа потврдија дека Џафери го повикал Заев лично да го информира за поднесената иницијатива за гласање доверба на Владата и за следните деловнички чекори.
Откако беше поднесена иницијативата Кабинетот на претседателот на Собранието информираше дека е доставено Барање за гласање за доверба на Владата.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, согласно член 215 став 2 од Деловникот на Собранието, ќе ја свика седницата за поставеното барање за гласање доверба на Влада, а седницата ќе се одржи на третиот ден од денот на поставување на прашањето за доверба на Владата, односно во четврток, на 11 ноември 2021, во 11.00 часот. Според член 215 став 3 од Деловникот на Собранието, рокот за свикување седница почнува да тече наредниот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата – наведува Кабинетот на Претседателот на Собранието.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски претходно на прес-конференција ја најави иницијативата и кажа дека е потпишана од 61 пратеник, но оти исто така дека тие интензивно разговараат и со други пратеници.
Доколку во моментов треба да се гласа доверба на Владата очекувам да има 61 плус односно во тек се интензивни преговори и со уште неколку пратеници во македонското Собрание и очекувам дека иницијативата за недоверба на Владата ќе ја потпишат повеќе од 61 пратеник – изјави Николовски.
Во однос на формирање нова Влада или евентуални нови брзи избори, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека тоа е нешто што ќе се разговара по четврток.
Треба да седнеме со нашите партнери и да видиме кои се нашите програмски определби на сите што сакаат да се формира политичка влада или за брзи избори – изјави Николовски.
Посочувајќи делови од образложението за гласање доверба, Николоски истакна дека „Владата предводена од СДСМ и ДУИ не донела значајни резултати во претходните пет години, туку напротив владеела со измами и пазарења на сметка на најважните прашања на народот“.
Реакција имаше и од СДСМ од каде посочија дека деновите пред нас ќе покажат дали има доволно пратеници за изгласување недовреба за Владата или не.
СДСМ продолжува да разговара и да иницира соработка со сите прогресивни и демократски сили, со цел да ја обезбедиме стабилната иднина на нашата држава и целиот наш народ – посочија од СДСМ.
Ново мнозинство во Собранието во петокот најави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по средбата со првите луѓе и претставници на АА и Алтератива, Беса и Левица, по што тоа беше потврдено и од нив.
Во изјава за медиумите претседателот на Либерално-демократската партија, Горан Милевски, изјави дека потписи на ЛДП нема, а нема ни да има на списокот за постигнување на ново парламентарно мнозинство, составено од ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, Алијанса за Албанците, Левица и Беса.
Од друга страна, пак, пратеникот Мартин Костовски од СДСМ покрена иницијатива за Заев сепак да остане на чело на партијата. Многумина негови сопартијци и партнери од коалицијата, сметаат дека оставката на премиерот Заев е избрзана и донесена во емотивен момент.
За во Собранието да се изгласа одлуката за изгласување недоверба на Владата потребно е мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако на Владата и е изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка, предвидува Уставот.
Член 216 од Деловникот за работа на Собранието, пак, е наведено: „По поставеното прашање за доверба на Владата се води претрес. Право да го образложи прашањето за доверба на Владата има еден од пратениците кои го поставиле прашањето во траење од најмногу 30 минути. Редоследот на пратениците по пратенички групи и пратеници кои не се организирани во пратеничка група, а кои ќе учествуваат во претресот се определува во договор на претседателот на Собранието со координаторите на пратеничките групи пред почетокот на седницата. Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 15 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 20 минути“.
Со член 217 е предвидено дека Собранието гласа за недоверба на Владата по истекот на третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба.
Ако на Владата и е изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата, се вeли во член 218. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на Републиката.
Comments are closed for this post.