Со неговото директно признавање дека се слушал со Али Ахмети, за неделава како Личност на неделата го планиравме министерот за здравство, кој сакавме да го прашаме „Уште кој к ти фали, Таравари?“, но во последниот ден како волеј ни стига информацијата дека главната антикорупционерка е осомничена за корупција. Маќедонија.

Татјана Димитровска

Еднооки и К-15 да ни носат вода. Нас буквално ни фали Антикорупциска комисија за да ја испитува работата на сегашната Антикорупциска комисија.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција Татјана Димитровска е осомничена за оддавање на службена тајна затоа што на еден од обвинетите во „Адитив“ од мај до декември лани повеќе пати му дала податоци кои се службена тајна и чие откривање може да има штетни последици на постапките во обвинителството.

Потврдено е дека обвинетиот кој ги добивал информациите од првата антикорупционерка е Небојша Стојановиќ, поранешен директор на ТЕЦ Неготино.

Како службено лице, претседател на ДКСК од месец мај до месец декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот Адитив на друг начин му сторила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот Адитив и одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот и неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈОГОКК, потенцираат од Обвинителството.

Судот вчера ѝ определи мерки за претпазливост, поточно привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање на нова, како и забрана за преземање на определени работни активности поврзани со кривичното дело.

 

На страна првичниот апсурд што главната антикорупционерка е главна корупционерка, болката е што станува збор за лифтерување информации за „Адитив“, случај од кој во моментов нема побитен за државата.

Тоа е случај против масовни убијци. Нема поточен термин. Тоа се луѓе кои за ситни пари носеле ѓубре и отровни горива, кои подоцна се гореле во термоцентралите во Битола и во Неготино. Тоа се луѓе поради кои дишеме загаден воздух и си трпиме радијација. Тоа се луѓе кои ја полнат Онкологија.

За нив знаеме дека не им е гајле, си средиле работа со време.

Па, затоа и делото на некоја што требало да нè штити oд нив, а нè предала, треба да е потешко.

Со ова се фрла сенка не само врз нејзината, туку и на работта на ДКСК, која во новиот состав имаше доста предмети и утрврди неправилности во повеќе клучни закони и институции.

Но, ако погледнеме подобро, може и самата ни најави за каква личност се работи уште од моментот кога стапна на функцијата. Прво нешто што побара, како најважно во државата, беше сите членови да добијат дипломатски пасоши.

Па, и со потсмев гледаше на тоа што претходната претседателка на комисијата Билјана Ивановска на работа доаѓала со велосипед, не ги личело нив така. Битно е да се возат во нови службени шкоди.

Со класа, каква што веројатно новава нема да ја разбере, Ивановска денеска порача „не сакам ништо да прејудуцирам“ и дека „вистината е како шило и излегува на површина“.

Биографија

Пол: женски
Дата на раѓање: 09.10.1977 година
Националност: Македонка

Во својата биографија поствена на официјалниот сајт на ДКСК, Димитровска за себе вели дека е „искусен овластен државен ревизор со над 19 (деветнаесет) години работно искуство“.

Колку е забавно да се чита ова денес:

Преку законито, независно, непристрасно, етичко, одговорно и транспарентно вршење на работните задачи придонесувам за зачувување на личниот и угледот на институцијата од која доаѓам, имам значителен придонес во елиминирање на ризиците и отстранување на сомневањата во можноста од настанување и развој на корупцијата а со тоа обезбедување на
доверба на граѓаните. Имам дадено огромен придонес во подобрување на управувањето со јавните ресурси во корист на граѓаните и општеството во целина, зајакнување на отчетноста, транспарентноста и интегритетот на јавната администрација и активно учество во можностите за подобрување на управувањето со јавниот сектор. Посветени на одржување на највисоките етички и професионални стандарди. Обезбедување транспарентност и одговорност кај
субјектите на ревизија, како и одржување на довербата на јавноста во интегритетот на државните финансиски системи, пишува за себе Димитровска.

Подготви: М.М.