Од второто тримесечје годинава граѓаните ќе можат да си го следат својот предмет за приватизација на градежното место од дома, истакнале на денешната средба министерот за финансии, Драган Тевдовски и директорката на Управата за имотно правни работи Шасине Касами.
Се планира до крај на март годинава сите предмети за приватизација на градежно земјиште да бидат внесени во менаџмент информацискиот систем на кој се работело минатата година. Потоа ќе биде развиена дополнителна можност за пристап во него на поднeсителите на барања, кои во секој момент ќе имаат увид во статусот на нивното поднесено барање, соопшти Министерството за финансии.
Управата го надградува систем со цел зголемување на ефикасноста на услугите. Набавени се скенери со високи перформанси за полесно и поедноставно внесување на предметите.
Годинава, како што информирала директорката Касами, ќе се менува и Законот за приватизација на градежно земјиште со цел упростување и прецизирање на постапките. Се работи и на измени за забрзување на постапката за решавање на предметите кои се однесуваат на колективните станбени згради.
Comments are closed for this post.