Јавното претпријатие „Службен весник на Република Македонија“ во број 7 од 14.1.2019 ги објави Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и Законот за употреба на јазиците.
Според СВ, двете објави се во согласност со член 52, став 2 од Уставот на Република Македонија (Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од 8 (осум) дена од денот на нивното донесување).
Согласно со тоа, а во врска со член 51, став 2 од Уставот на Република Македонија, во кој се вели дека „Секој е должен да го почитува Уставот и законите“ и оваа институција, која е со закон овластена да ги објавува прописите во РМ, своето работење секогаш го остварува во рамките на Уставот и законите и само ја исполнува уставната обврска.
ЈП „Службен весник на Република Македонија“ е професионално јавно претпријатие и нема да дозволи мешање на политиката во неговото работење и нарушување на неговиот углед.
За секој обид за нарушување на угледот на Јавното претпријатие „Службен весник на Република Македонија“ ќе биде поведена соодветна судска постапка.
Comments are closed for this post.