Постои можност во следната школска година во учебниците да биде внесено новото уставно име Република Северна Македонија , но само доколку ставовите се усогласат на паритетна основа и доколку роковите за новата учебна година и наставните програми го овозможуваат тоа.
Ова го изјави денеска на прес-конференција портпаролот на Владата Миле Бошњаковски кој напомена дека сепак во моментов не може точно и прецизно да се каже дали тоа ќе се случи во новата учебна година.
Комисиите работат со забрзано темпо, работат врз основа на паритет, го следат духот на Преспанскиот договор. Не постои притисок, но доколку нешто се усогласи и се усвои на паритетна основа и доколку роковите за новата учебна година и за наставните програми го дозволуваат тоа, таа можност останува отворена“, посочи денеска Бошњаковски на прес-конференција во Владата.
Вклучување на новото име „Северна Македонија“ и во грчките учебници, најави заменикот министер за надворешни работи на Грција, Маркос Боларис.
Во писмениот одговор на пратеничко прашање од опозициската Нова демократија, Боларис наведе дека, „Грција како земја членка, меѓу другото и на ООН, на ЕУ, УНЕСКО, Советот на Европа и ОБСЕ, цврсто ги почитува принципите на неупотреба на насилство во односите меѓу државите, принципите на добрососедство , на неповредливост на границите и на избегнување на употреба на вербална омраза во пишувањето на учебниците што се користат во Грција“.
На дводневната втора по ред средба на Заедничкиот интердисциплинарен комитет за историски, образовни и археолошки прашања на Северна Македонија и на Грција што се одржа во Скопје минатиот викенд беа приближени ставовите во однос на концептите на двете страни, а утврдена е и динамиката на наредните средби.
Копреседавачот на македонскиот дел од Комитетот, амбасадорот Виктор Габер во понеделникот истакна дека таа динамика треба да придонесе за да може многу поконкретно во следниот период да се премине на проучување на конкретни формулации во учебниците и тие да бидат адаптирани согласно Преспанскиот договор, а врз основа на принципите и целите на УНЕСКО и Советот на Европа за оваа материја.
На средбата во Скопје биле разгледани учебниците по историја и географија за основно и средно образование. На наредната средба на Заедничкиот интердисциплинарен комитет закажана за 12 и 13 април во Атина ќе се работи на конкретни прашања.
Comments are closed for this post.